Project Spartan, како што привремено е наречен новиот прелистувач на Microsoft, корисниците конечно ќе можат да го видат и тестираат во наредната тест верзија од Windows 10 која што треба да биде достапна идниот месец. Меѓутоа дали истото ќе важи и за наредната тест верзија за мобилните телефони не е познато.
Инаку за потсетување, Spartan е целосно нов интернет прелистувач кој што го развива Microsoft, кој што ќе го замени Internet Explorer како главниот прелистувач во Windows 10. Тој треба да биде компатибилен со сите нови веб стандарди, ќе вклучува поддршка за екстензии како во Chrome и Firefox, а исто така најавени се и повеќе вградени функции кои што треба да го подобрат корисничкото искуство.
Додека официјално стане достапен, повторно можеме да се задоволиме со неофицијалните слики кои што секогаш се достапни во вакви ситуации. Сликите овој пат доаѓаат од сајтот WindowsMania и на нив може да се види доволно за тоа како ќе изгледа прелистувачот и кои се разликите од моментално достапниот Internet Explorer.
Тоа што се гледа од сликите е дека лентата за адреси е преместена на горната страна, како што е случајот со повеќето други прелистувачи. Исто така, забележливо е присуството на нов дел наречен Hub, во кого се сместени зачуваните страни за покасно читање, омилените страни, како и историјата на сурфање.
Извор: Windows Central