Фото: Zorin

Само шест месеци по претставувањето на осумнаесеттата верзија која забележа над 3.3 милиони преземања, официјално е достапно новото ажурирање Zorin OS 18.1. Ова издание се фокусира на зголемување на стабилноста, подобрување на компатибилноста со постоечкиот хардвер и олеснување на транзицијата за корисниците кои преминуваат од други оперативни системи. 

Покрај стандардните изданија, компанијата паралелно ја претстави и Lite верзијата која е наменета за постари компјутери со послаби спецификации, со што континуирано се одржува традицијата за продолжување на животниот век на постариот хардвер.

Една од најзначајните новини во ова издание е унапредената база за препознавање на инсталациони датотеки наменети за Windows. Системот сега поддржува над 240 популарни апликации и при обид за нивна инсталација, автоматски нуди посоодветни локални Linux алтернативи. 

На пример, наместо емулација на Microsoft Outlook, системот ја препорачува Evolution Mail, а за сервиси како Plex нуди директна инсталација од системската продавница за софтвер. 

Корисничкиот интерфејс добива и подобрено управување со прозорите на екранот, каде функциите за напредно распоредување сега овозможуваат попрецизно прилепување до рабовите и полесно организирање на работната површина. 

Новата верзија стандардно ги донесува најновите верзии од апликациите кои доаѓаат инсталирани со системот, како на пример Libre Office. 

Новата Lite верзија доаѓа базирана на графичкото опкружување XFCE 4.20 и вклучува редизајниран менаџер за датотеки кој е оптимизиран за помали екрани, како и нова системска поддршка за читачи за отпечатоци. 

Во позадина, Zorin OS 18.1 е придвижуван од Linux јадрото 6.17, кое е истото што се користи и во Ubuntu 25.10, што гарантира компатибилност со најновите хардверски компоненти. 

Со прединсталираните безбедносни закрпи и ветената софтверска поддршка до јуни 2029 година, овој оперативен систем останува сигурно и долгорочно решение како за индивидуални корисници, така и за поголеми организации. 

Ажурирањето е веќе директно достапно за постоечките корисници преку системската алатка за надградба.