Фото: TechieTech Tech на Unsplash

Кинескиот популарен бренд OnePlus, кој низ годините изгради лојална база на корисници нудејќи Android смартфони со одлични цени, наскоро ќе престане со работа во САД и Европа, информираат од Bloomberg. 

Првите уреди на компанијата добиваа позитивни критики благодарение на одличните перформанси, чистиот софтвер и буџетските цени, но брендот сега се соочува со поинаква реалност. Повлекувањето од западните пазари би можело да се реализира уште оваа недела, а истото е дел од поширока стратегија за преструктуирање на матичната компанија Oppo. Официјалните претставници на двете компании одбија да ги коментираат овие информации.

Одлуката за повлекување доаѓа како резултат на неколку клучни фактори, меѓу кои се финансиските предизвици во мобилниот сегмент и ослабениот моментум на пазарите во САД, Европа и Индија. Дополнителен товар за компанијата претставуваат геополитичките грижи поврзани со продажбата на кинески телефони на американскиот пазар, како и правниот спор со Apple околу наводна кражба на трговски тајни. 

Во меѓувреме, влијанието на OnePlus е значително намалено. На американскиот пазар, каде што доминираат Apple и Samsung, компанијата заостанува дури и зад помалите конкуренти како Motorola и Google. Истовремено, недостатокот на компоненти го отежна развојот на нивните подостапни уреди од серијата Nord.

Како дел од овие организациски промени, Oppo ќе го насочи својот фокус кон Централна Европа, додека уредите од брендот Realme ќе се продаваат во нордискиот регион, односно во Финска, Данска, Шведска и Исланд, каде што компанијата бележи поголем успех. Realme исто така ќе се повлече од домашниот кинески пазар. 

Што се однесува до OnePlus, брендот засега ќе остане активен во Кина, но според плановите, неговото згаснување ќе се прошири во остатокот од светот, вклучувајќи ја и Индија, и се очекува целосно да заврши во текот на 2027 година.