Џон Просер, кој во јули го „прикажа“ iPhone Air 2, на 20 ноември на својот YouTube канал „fpt.“ објави ново видео со повеќе детали за наследникот на тенкиот iPhone Air. Како и досега, станува збор за непотврдени информации, а Apple телефонот официјално го нема најавено.
Најголемата промена останува втората камера. Според Просер, iPhone Air 2 ќе има главна и ултраширока камера, наводно двете од 48 мегапиксели, а Apple избрале ултраширока наместо телефото камера, па двократното зумирање и понатаму ќе доаѓа од главниот сензор. За да има место за втората камера, Apple наводно го направиле потенок делот со Face ID, без промени во начинот на кој работи оваа функција.
Дополнително, телефонот наводно ќе добие ладење со комора на пареа („vapor chamber“), слично како кај iPhone 17 Pro. Поради тенкото тело, речиси сите делови освен батеријата се сместени во испакнатиот дел со камерите, па таму се собира и топлината.
Наместо C1X модемот од првиот модел, Просер тврди дека iPhone Air 2 ќе го користи C2, модемот кој Apple го воведе кај iPhone 18 Pro моделите. Батеријата наводно ќе биде околу 10% поголема, а Просер очекува разликата да се почувствува и поради поефикасниот нов чип. Екранот наводно останува 6,5 инчи.
Просер телефонот го очекува на почетокот од идната година, што се совпаѓа со извештајот на ETNews дека добавувачите на екрани своето производство го усогласуваат со очекуваното претставување во март. Според ETNews, основните iPhone 18 модели и iPhone Air 2 треба да стигнат во првата половина од 2027 година. Истиот ден кога излезе видеото, Сони Диксон објави макети на iPhone Air 2 кои исто така имаат две камери на задната страна.
Просер повторува дека дизајнот на Air во наредните години ќе стане стандард кај iPhone, па според него и iPhone 20 Pro ќе го позајми, вклучително и враќањето на титаниумот. За iPhone 20 и јубилејниот модел најавува посебно видео.
Видеото можете да го погледнете во продолжение.





































