Fog Panther е професионален уредувач на слики кој, за разлика од поголемиот дел од конкуренцијата, работи изворно на Linux и се интегрира со системската тема и работната околина. Програмата нуди работа со слоеви, маски и „non-destructive“ обработка, што значи дека секоја измена останува променлива дури и по повторно отворање на датотеката.
За фотографите тука се наоѓаат алатки за ретуширање дамки и несовршености, како и прегледи на филтрите во реално време, додека нивоата и кривите се применуваат преку посебни слоеви за корекција.
Поддршката за PSD датотеки и за RAW формати ја прави размената со други алатки релативно безболна.
Особено интересна е целосната поддршка за CMYK и ICC профили, со „тест проба“ пред печат и зачувување на датотеки подготвени за печатница. Токму ова е сегментот каде Fog Panther сака да се издвои од бесплатните решенија.
Во споредба со Adobe Photoshop, разликата е јасна. Photoshop воопшто нема изворна верзија за Linux и функционира исклучиво преку претплата, додека Fog Panther чини 69,99 долари со еднократно плаќање, со сите идни ажурирања вклучени. Достапен е и 30 дневен пробен период.
Поголемата конкуренција сепак доаѓа од GIMP, кој е бесплатен и со отворен код. GIMP долго време заостануваше кај „non-destructive“ обработка и поддршката за CMYK, па Fog Panther токму на тие точки ја гради својата предност. Сепак, цената ќе биде пречка за дел од корисниците навикнати на бесплатни алатки.
Не е познато колку брзо ќе напредне проектот, бидејќи актуелната верзија сè уште носи ознака 0.7.4.
Видеото во продолжение, од каде и дознавме за оваа одлична нова апликација, ги прикажува основните функции на Fog Panther, а посебно можноста за работа со PSD датотеки.







































