На почетокот од првата и главна презентација на WWDC 2026, Apple започна со најава на промени кај нивниот голем редизајн од минатата година, Liquid Glass. Дека овие промени ќе бидат направени веќе можевме да претпоставиме поради големиот број на неофицијални информации, а една од главните беше најавата за додавање на „лизгач“ за избор на нивното на „стаклените“ ефекти кај елементите.
Промените кај Liquid Glass донесуваат подобрување на деловите каде што корисниците истакнуваа дека има проблеми со читање на текстот или гледање на копчињата поради содржината и боите во позадина.
Најмногу овие промени можеби ќе се забележат кај macOS 27, каде што дел од новите елементи од корисничкиот интерфејс беа доста критикувани.
Сега може да се заклучи дека macOS 27 ќе изгледа како што требаше да изгледа macOS 26, па Apple ги задржува ефектите од Liquid Glass, но без непотребните делови и одлуки од минатата година.

На пример, лентата која се прикажува на левата страна од прозорите, како на пример кај Mail и Finder, веќе нема да биде издвоена и истакната, па истата повторно ќе биде „вратена“ во рамките на прозорот.
Дополнително, копчињата кои се прикажуваат на горната страна од прозорите, позади нив сега повторно ќе има лента, која секако ќе ги има ефектите од Liquid Glass, но со самото присуство ќе овозможи многу подобро гледање на копчињата.
Apple направи повеќе вакви мали промени низ елементите од корисничкиот интерфејс кај сите свои системи, кои за разлика од минатата година, оваа сигурно ќе привлечат повеќе позитивно внимание.





































