Instagram, по доаѓањето на iPad, сега доаѓа и на телевизорите. Од Meta ја претставија нивната апликација за големите екрани, а истата ќе биде наменета за гледање на reels видеата, односно нема да може да се гледаат сликите и другите делови кои се дел од мобилната апликација.
За почеток Instagram за телевизорите е во тест фаза и достапна само за корисниците од САД преку Amazon Fire TV уредите. Од компанијата истакнуваат дека како што ќе учат од овој тест, ќе започнат со проширување на достапноста во повеќе земји и уреди.
На апликацијата можат да се најават повеќе корисници, а исто како во случајот со апликациите за „стриминг“, тие ќе можат да го изберат својот профил при вклучувањето на апликацијата.
Со тек на време, најавуваат од Meta, апликацијата ќе добива нови функции, како на пример можноста телефонот да се користи како далечинско, нови начини за откривање на профили, споделување со пријателите и слично.
Интересно, од компанијата оваа нова апликација ја промовираат како одлична за гледање на reels со пријателите, нешто што наводно корисниците го бараат и го сметаат за поинтересно од гледањето сами.









































