Фото: Mozilla

Пред неколку недели пишувавме дека познатиот интернет прелистувач Firefox доби вграден „блокирач“ на реклами во својата верзија за iOS системот. Функцијата тогаш само што започна да им станува достапна на корисниците, па сега Mozilla и официјално ја најави истата. 

Во својата објава од Mozilla објаснуваат како функционира оваа нова функција во Firefox. Блокирањето на реклами во прелистувач функционира во комбинација со Apple WebKit Content Blocker технологијата и познатата EasyList листа која одлучува што треба да биде блокирано. 

Тие дополнително истакнуваат дека не сите реклами ќе бидат блокирани, односно тие кои се поставени директно на страната која се отвора ќе продолжат да се прикажуваат, заедно со рекламите во резултатите од пребарувањата и спонзорираните „кратенки“ од Mozilla. 

Од Mozilla ја истакнуваат причината за воведувањето на оваа функција, а како што е познато, за разлика од десктоп и Android, Apple поставува поголеми ограничувања на iOS, па поради тоа од организацијата не ги овозможуваат Firefox додатоците на оваа платформа. 

Функцијата за блокирање на реклами е стандардно исклучена, а корисниците можат да ја вклучат преку Settings > Browsing > Ad Blocker.