Иако изгледа дека во денешно време цел свет е поврзан, сепак многу региони немаат или никаков или многу слаб интернет пристап. Оваа состојба секако влијае на можностите кои им се достапни на луѓето во тие региони, а развојот на инфраструктура од оптички кабли не се смета за исплатлива работа.
Project Taara, дел од Alphabet, компанијата под која е Google, развива одличен начин за обезбедување на интернет пристап кој не бара голема инвестиција, а овозможува големи брзини, споредливи со тие преку оптичките кабли.
Причината поради која технологијата која ја користи Project Taara може да овозможи брз интернет пристап е користењето на светлосни зраци, а ова е начинот на којшто функционираат и оптичките кабли. Во овој случај светлината не патува низ каблите, туку од една базна станица до друга, со што поставувањето е многу полесно.
Две базни станици можат да комуницираат помеѓу себе на оддалеченост од 20 километри, а брзината која може да се постигне на комуникација е 20 гигабити во секунда и повеќе. Со ова се овозможува да се постигне ефект ист со поврзување на местата со оптички кабли, меѓутоа без потребната инвестиција која доаѓа со нив.

Проблемот со пуштањето на оптичка мрежа е што за истата е потребно копање, нешто што во одредени региони каде треба да се поминат планини, реки и слично, не е баш евтино, посебно кога треба да се поврзат помали и неразвиени градови.
Project Taara не е нов проект од Alphabet, има добиено само ново име и покрај веќе тестирањата во Индија, е во план да се искористи технологијата за поврзување на одредени места во Кенија. Идејата во оваа фаза е да се овозможи поврзување на повеќе места во Африка, каде и бројот на неповрзани населби е голем.
Технологија за брза комуникација помеѓу две насочени една кон друга базни станици веќе постои одамна, но тие работат на радио бранови, наместо на светлосни. Поради тоа брзината и стабилноста која се постигнува не се ни споредуваат.