Фото: Matt Birchler на Unsplash

Досега повеќе пати пишувавме за првиот уред од OpenAI, за кого се што знаеме официјално е дека постои и е во подготовка. Исто така, познато е дека тој уред е развиван во соработка со легендарниот Џони Ајв, чија компанија стана дел од OpenAI. 

Марк Гурман повторно има информации за каков уред се работи, па според него OpenAI ќе претстави преносен паметен звучник без екран. За разлика од традиционалните стационарни звучници, овој уред е опремен со батерија на полнење што овозможува негово лесно пренесување низ домот. 

Покрај стандардните функции како управување со паметни домашни уреди, репродукција на „медиа“ датотеки и одговарање на пораки, звучникот е дизајниран да дејствува како придружник во секојдневието, користејќи ги целосните капацитети на вештачката интелигенција преку системот ChatGPT.

Главната карактеристика на уредот е неговата способност за просторна перцепција и проактивност. Опремен со камера и дополнителни сензори, звучникот ќе може да го анализира контекстот на околината во која се наоѓа. Системот ќе се потпира на напредна верзија на говорниот модел на компанијата, познат како GPT-Live, кој овозможува истовремено слушање и зборување. 

Според изворите на Bloomberg, уредот со текот на времето ќе станува сè поперсонализиран, учејќи ги навиките на корисниците и користејќи лични податоци, како што се електронските пораки, за да ги предвиди нивните потреби и да понуди решенија пред тие да бидат побарани.

Компанијата интерно го класифицира овој производ како нов тип на домашен компјутер наменет за ерата на вештачката интелигенција, чија цел е да ја зголеми продуктивноста на корисниците.

Се очекува OpenAI да го претстави звучникот подоцна оваа година, додека официјалното пуштање во продажба е планирано за 2027 година.

Сепак, плановите на компанијата може да бидат променети, а во главно поради тужбата која Apple ја поднесе против нив за кражба на деловни тајни, токму за развојот на нивните ВИ уреди.