Судскиот спор меѓу двете компании официјално започна вчера, кога Apple поднесе тужба пред федералниот суд во Северниот округ на Калифорнија. Според документите, станува збор за месеци долга шема во која поранешни вработени на Apple им пренесувале на своите нови колеги во OpenAI детали за уреди, компоненти и производствени процеси кои сè уште не се објавени.
Во центарот на обвинувањата се наоѓаат Тенг Тан, поранешен дизајнер на Apple кој денес го води хардверскиот оддел на OpenAI, и Ченг Лиу, поранешен електроинженер. Apple тврди дека Тан ги „обучувал“ новите колеги како да избегнат внатрешна контрола при заминувањето, советувајќи ги да не откриваат дека веќе имаат договор со OpenAI сè додека не мора.
Дополнително, тој наводно задржал интерен документ со ознака „потребно е да се знае“, кој ги опишува безбедносните процедури на Apple при напуштање на компанијата, а истиот подоцна го споделувал со нови вработени пред тие официјално да поднесат оставка.
Кај Лиу пак, ситуацијата е поинаква. Тој наводно задржал службен лаптоп по заминувањето и искористил технички пропуст за да преземе десетици доверливи документи, а паралелно одржувал контакт со вработена во Apple која продолжила да му доставува информации за проекти и одлуки поврзани со добавувачите.
Apple наведува дека OpenAI дури измамила еден добавувач да примени специфична техника за обработка на метал, тврдејќи дека тоа е одобрено од Apple.
Според тужбата, повеќе од 400 поранешни вработени на Apple моментално работат во OpenAI, иако компанијата не ги таргетира сите нив, туку конкретно однесувањето поврзано со украдените тајни.
Apple вели дека прв пат ги контактирала во OpenAI уште во февруари, но останала без одговор, што ја натерало да ја продлабочи истрагата пред да се обрати до судот.
Важно е да се напомене дека постојното партнерство меѓу двете компании околу интеграцијата на ChatGPT во Siri не е дел од тужбата. Не е јасно дали поранешниот главен на дизајн на Apple, Џони Ајв, кој денес соработува со OpenAI, ќе биде повикан како сведок, бидејќи лично не е обвинет.
Apple бара судска забрана и обесштетување во износ кој ќе се утврди на судењето.
OpenAI изглегоа со коментар за тужабата кој гласи:
„Немаме интерес за трговските тајни на другите компании“, изјави портпаролот на OpenAI, Дру Пусатери. „Остануваме фокусирани на градење иновативна технологија што ги подобрува луѓето насекаде.“







































