Фото: Shutterstock.com

Проверката на возраста за пристап до социјалните мрежи се шири низ светот, најчесто претставена како мерка за заштита на децата. Шведската компанија Mullvad, позната по својот VPN сервис, по прелистувачот Mullvad Browser, како и по залагањето за приватност, во неодамнешната анализа тврди дека реалната цел е поинаква, а таа е воспоставување контрола врз интернетот.

Нивниот централен аргумент е дека она што се нарекува „проверка на возраст” во пракса е проверка на идентитет. Бидејќи речиси сите вакви системи бараат корисникот да се идентификува пред сервисот или пред трета страна, тие сметаат дека точниот термин е идентификација, а не проверка на возраст.

Според Mullvad, последицата е губење на анонимноста на интернет. Тие предупредуваат дека веќе нема да може анонимно да се критикува власта, ниту да се организираат граѓански иницијативи без ризик од последици, а посебно укажуваат на „ефектот на самоцензура”, кога луѓето знаат дека секоја објава го носи нивното име, почнуваат сами да се ограничуваат.

Анализата оди и чекор подалеку, тврдејќи дека VPN сервисите се следната мета. Во Велика Британија, Франција и САД веќе се разгледуваат вакви ограничувања, а во самата анализа се споменува и пример каде Apple воведе проверка на идентитет директно на ниво на оперативен систем на британските iPhone уреди.

На крајот, Mullvad заклучува дека „заштитата на децата” одамна служи како изговор за воведување масовен надзор и цензура, и апелира забрзаното воведување на ваквите мерки да се успори. 

Целата анализа, заедно со прегледот на земјите што воведуваат вакви закони и објаснувањето за пристапот на ЕУ, може да се прочита на блогот на Mullvad.