Многупати сме ја чуле тезата дека приватноста е мртва, дека треба да се соочиме со тој факт што побргу, за да преминеме на решавање на поважни проблеми со кои се соочува светот. Тероризам, педофилија, трговија со оружје и дрога итн. Сиве овие криминални дејствија се одвиваат толку перфидно онлајн, со помош на анонимни и енкриптирани дигитални алатки (како на пример Тор) кои им одмагаат властите да го зауздаат овој криминал. Барем во ова се обидуваат да не уверат од различни страни. За да веруваме во второто, треба да се согласиме со првото. Оттаму напорите да не натераат да веруваме дека нашата приватност, навистина е мртва.
На ваквите сценарија се надоврзаа и членови на академската заеднца. Во Јануари годинава, на Светскиот Економски Форум во Давос, група на научници и професори од Универзитетот Харвард униформно се согласија дека полезноста од технолошкиот напредок далеку ја надминува потребата од имање приватност. „Јас ја ценам својата погодност повеќе отколку што ја ценам својата приватност. Приватноста не е нешто што ме засега мене” ќе каже Ентони Голдблум за да продолжи со аргументот на најжолчните противници на приватноста, излезени од некој дистописки НФ роман „Во секој случај, луѓето често се однесуваат подобро кога имаат чувство дека нивните постапки се набљудувани.“ Питер Ватс најдобро ја сумира логиката позади овие аргументи:
Тоа е најчестото образложение на секој воајер кој не поседува налог: што ако терористите на BitTorrent го планираат својот следен бомбашки напад врз некоја градинка? Што ако плановите за следната престрелка во парламентот се наоѓаат во нечиј iPhone и ние не можеме да ги видиме? Зар не знаете дека Tor 80% се состои од педофили?
Но, ако приватноста навистина е мртва, тогаш зошто повеќе ентитети со петни жили се обидуваат да ја уништат? FBI, NSA, GCHQ и други разунавачки и безбедносни служби се во концентрирана војна против дигиталната енкрипција. Оваа војна ја водат на повеќе фронтови: Од воведување на законски решенија за да го постигнат истото, до изјави за јавноста од високи владини претставници со кои истите сакаат да влеат страв кај граѓаните дека како резултат на затвореноста на некои енкриптирани системи, се загрозува безбедноста на нивните деца.
Да се вратиме на Питер Ватс. Имено, осврнувајќи се на изјавата на Лесли Калдвел од Одделот за Правда на САД дека енкрипцијата и анонимноста онлајн ќе доведат до креирање на т.н „зона на беззаконие“, Ватс врши пародија на нејзиниот аргумент преку аналогија со реалниот свет:
Колдвел, исто така, покрена нови тревоги за завесите на прозорците и бравите на вратите од тоалетот, две работи за кои службените лица рекоа дека им го олеснуваат на криминалците прикривањето на својата дејност. “Вратите од тоалетот очигледно беа креирани со добри намери, но претставуваат огромен проблем за спроведување на законот. Постојат голем број на подруми и бањи кои немаат прозорци, каде што може да направите сешто, од купување хероин и оружје, се до најмување на платен убиец”
Колку пожустро тие се обидуваат да ја уништат нашата приватност, толку повеќе е јасно дека има што да биде уништено. Со растот на употреба на енкрипцијата и онлајн анонимноста, и непокорливоста на технолошките компании, расте и нашата приватност. Тоа влева паника кај тие на врвот, кои на секој начин се обидуваат да ги поткопаат нашите права и слободи, а приватноста во ерата во која живееме се наметнува како нужно добро од кое извираат низа други слободи. „Приватноста е мртва“ е лага со која константно сме потхранувани. Ако дозволиме таа да стане дел од нашата реалност, тогаш го губиме правото да се жалиме кога нашето секојдневие ќе биде „под лупа“ и ќе живееме во Паноптиконот кој самите сме го создале.