Фото: Sunrise King / Unsplash

Windows 11 добива критики уште од самото пуштање, но критики отсекогаш имало и ќе има, па кога пишуваме за критикувањето на системот, обично не мислиме на овие. 

„Вистинските“ критики дојдоа неколку години подоцна кога Microsoft започна со се поголемо посветување на внимание на вештачката интелигенција, а скоро воопшто кон подобрување на останатите функции на Windows 11. 

Познато е дека Copilot почна да се „појавува“ скоро секаде, па дури и во некогаш едноставната Notepad апликација, а Microsoft не покажуваше знаци да реши проблеми како тие поврзани со доста лошото функционирање на основата апликација File Explorer, на пример. 

Со тек на време видовме и зголемување на вниманието кон Linux дистрибуциите, а главната потенцијална загрозеност на Windows може да се види во развојот на Proton технологијата од страна на Valve. Linux веќе не е проблем доколку играте игри, па нема да ме изненади со тек на време се повеќе „гејмери“ да се решаваат за системи како Bazzite

Дека Microsoft ги забележува овие работи и планира некако да реагира, можевме веќе да прочитаме, а сега ја имаме и главната официјална потврда дека работите ќе се променат кон подобро. 

Главниот за развој на Windows, Паван Давулури, преку објавата „Нашата посветеност на квалитетот на Windows“, ги даде досега најдобрите вести поврзани со Windows и ја зголеми надежта дека работите ќе се подобрат. 

Во основа, од објавата може да се види дека од компанијата ги слушаат критиките и ќе направат промени кај скоро сите, ако не и сите од нив. 

Ова значи дека ќе видиме и одредени функции кои беа барани со години, односно нема да видиме само подобрувања кај проблематичните делови од системот. 

Фото: Microsoft

Главната најава, од таа категорија, е донесувањето на можноста за промена на позицијата на долната лента, односно „таскбарот“, па како и порано, лентата ќе може да се постави на горната страна, но и лево и десно. 

Корисниците исто така ќе можат да ја променат и големината на лентата, а тоа најверојатно ќе биде направено како што беше во Windows 10, преку избор на стандардна или помала големина на иконите. 

Давулури најави и дека ВИ ќе биде интегрирана таму каде што навистина има потреба, па ќе се намали интеграцијата на Copilot во апликациите како Snipping Tool, Photos, Widgets и Notepad. 

Доста голема новина е и најавата дека ќе се намалат бројот на рестартирања при надградбите, ќе има можност да се прескокнат овие надградби при првичното поставување на системот, а корисниците ќе можат и подолго да ги одложат надградбите. 

Давулури не заборави да го спомене и File Explorer, една од најважните апликации која сега функционира доста бавно, поради што се појавија неколку одлични алтернативи. 

Најавено е и подобрување на перформансите на Windows 11, како и достапноста и функционирањето на „драјверите“. 

Целата објава можете да ја прочитате тука