Изборот на паметни телефони во ниските класи се зголемува секојдневно и за разлика од порано, денес не мора да потрошите едно цело богатство за да имате квалитетно смартфон искуство. Сепак, има големи разлики меѓу моделите во оваа класа, како и голема разлика меѓу еко системот кој ќе го одберете – Android или Windows Phone. iOS, односно оперативниот систем на Apple ќе го исфрлиме, бидејќи тие немаат конкурент во најниската класа.
Од двата оперативни системи кои ќе ги обработиме денес, Android е многу, многу попопуларен. Сепак, од овој факт не треба да зависи изборот на вашиот следен паметен телефон. Напротив, има неколку други фактори кои пред се треба да влијаат на тоа каков телефон ќе изберете, а особено во ниската класа која ја обработуваме тука.
Хардвер
Windows Phone во оваа приказна е застапен само со моделите на Microsoft/Nokia, односно Lumia серијата. За нив важи дека имаат одлична изработка и добро го издржуваат тестот на времето, што и не е чудно, бидејќи се работи за производителот (Nokia) кој ни ги има донесено најквалитетните телефони.
Android телефоните од друга страна се застапени со една цела серија на производители од најразличен профил и тука нема единствен заклучок. Интересно, многу од моделите на етаблираните производители, како Samsung и LG, делуваат помалку квалитетни, а моделите од Huawei и Xiaomi или на пример Alcatel, делуваат како поцврсти. Сепак, ова може многу да варира од модел до модел и препорачувам секогаш пред купување добро да го истестирате во салонот.
Дисплеј/Камера
Денес, скоро и да е невозможно да начекате паметен телефон со многу лош дисплеј или многу лоша камера. Сепак, доколку ви се овие параметри важни, избегнете телефони со многу ниска резолуција на дисплејот, односно добро е да биде минимум 960х540 пиксели, а препорачлива е HD резолуција, односно 1280х720 пиксели. Доколку се одлучите за Windows Phone, Lumia 435 и 532 имаат прилично слаби екрани и е најдобро да ги избегнете, додека Lumia 535 и особено Lumia 640 се одлични. Кај Android телефоните најсигурни производители во овој дел се Samsung, Alcatel, HTC и LG, но позитивно изненадуваат и кинеските производители. Секако – секогаш побарајте да ви го вклучат телефонот пред да го купите – продавачот мора да има демо модел кој ќе ви го покаже. Вака, најдобро ќе знаете за квалитетот на дисплејот.
Доколку ви е важна камерата, изберете телефон со најмалку 5 мегапиксели, но од друга страна не се лажете на премногу мегапиксели – не значи дека таквиот смартфон ќе извади подобра фотографија. Секако, пред да одберете, најдобро е да истражите на интернет, но и тука, безбедно е да се одлучите за етаблиран производител – Nokia/Microsoft, Samsung, LG, Alcatel, HTC, Sony, но можат да изненадат и многу кинески производители, како Xiaomi, Huawei или пак Vivax, чиј модел Fly 1 позитивно не изненади со камерата на нашите тестови.
Перформанси
Бавен телефон е една од најфрустрирачките работи што можат да ви се случат, нели? Затоа, кога ќе го избирате вашиот нов паметен телефон, изберете квалитетен чип – Snapdragon 200/400/410 или пак некој понов MediaTek чип. Избегнувајте непознати чипови и покрај тоа што на нив пишува дека имаат четири или осум јадра – тоа е најмалку важно кај паметните телефони. Исто така, не купувајте телефон со помалку од 1 GB рам меморија, особено ако се работи за Android.
Сепак, доколку сакате најмазно искуство при работењето со телефонот, треба да се одлучите за Windows Phone – драстично е побрз и не почнува да кочи после неколку месеци користење, за разлика од Android. На пример, кај телефон со еквивалентен процесор, графички чип и количина на рам меморија, Windows Phone ќе работи помазно и побрзо, особено во самиот оперативен систем, каде ретко ќе наидете на сецкање. Особен проблем кај Android претставуваат и посебните скинови од производителите, како на пример TouchWiz на Samsung, кои особено многу го забавуваат работењето на телефонот.
Софтвер/Апликации/Надградба
Разликата во корисничкиот интерфејс на Windows Phone и Android е голема, но и двата се лесни за навикнување. Секој има свои предности и слабости и на крај и ова се сведува на потребите на корисникот. Android е покласичен, со стандардни икони на почетниот екран и виџети, додека во Windows Phone овие се вкомпонирани заедно во таканаречените Live Tiles, кои даваат многу релевантни информации.
Сепак, кога се работи за понудата на апликации, Android е апсолутен шампион. Не само што има поголем број на апликации, туку има и поголем број на локални, македонски апликации. Windows Phone не е слаб во овој дел, но има неколку поголеми недостатоци, како на пример Snapchat и сервисите на Google (Drive, Google+, Google Docs, YouTube итн.), иако за овие вторите има еквивалентни апликации од други дивелопери. Во превод, доколку навистина сакате Windows Phone телефон, а имате листа на апликации без кои не можете, прво истражете дали ги има и таму и ако не, Android ќе треба да е вашиот единствен избор!
Од друга страна, Windows Phone е апсолутен победник кога се надградбите во прашање. Додека сите Lumia телефони, дури и оние што чинат под 100 евра, ќе добијат надградба на Windows 10 Mobile и ќе добиваат уште надградби во иднина, голема е шансата дека Вашиот нов Android телефон од ниската класа никогаш нема да биде надграден на нова верзија, како на пример Lollipop или Marshmallow. Да, процентот на евтини Android телефони кои добиваат нови верзии е занемарлив, а згора на тоа, многу од нив доаѓаат со две до три години стари верзии на Android! Моја препорака е да не купувате телефон со верзија постара од Android KitKat.
А зошто се важни надградбите? Со нив се добиваат многу нови функции и можности, кои претходно не сте ги имале во телефонот, бесплатно! Ова не само што го освежува вашиот смартфон, туку и му го продолжува векот на траење – нема потреба да купувате нов телефон за да ги имате најновите достигнувања.
Заклучок
Секако, тука нема да изберам победник. На крај, сѐ се сведува на личните потреби на купувачот. Имајќи ги нив во предвид, верувам дека тоа што е напишано погоре ќе важи како добар патоказ, кој ќе ви помогне полесно да го изберете вашиот нов телефон, што е одлука со која потоа веројатно ќе треба да живеете најмалку две години. Затоа, сведете го она што најмногу го барате од еден смартфон на хартија и поминете го текстот пред да купите – и ќе го олесни изборот и на крај ќе изберете подобар телефон и еко систем за Вас.