arielgonzalez-1200x800

Сите кои веќе купивте Samsung Galaxy Note 7 (а претпоставувам дека нема многу такви во нашата земја), препорачливо е да направите бекап и да го вратите телефонот од каде што сте го купиле, за да добиете нов модел. Причината се батериите од Samsung SDI, кои се подложни на оган и евентуално експлозија (како во случајот на Ариел Гонзалез, покажано во видеото на YouTube подолу), што може да нанесе големи повреди кај корисниците.

Samsung веќе ќе ги замени батериите на сите нови уреди – затоа и има кратко прекинување во производството додека не дојде нова набавка од Amperex Technology, кој е вториот добавувач задолжен за батериите во Note 7. Големиот отповик се должи на тоа што дури 70% од батериите употребени во новиот Note 7 се токму од Samsung SDI. Оние со батерија од Amperex Technology веројатно нема да мора да го заменат телефонот, но добро е да отидат на проверка.

Засега сѐ уште нема информации од Samsung за тоа што точно треба да направат корисниците, но обично во вакви ситуации е најдобро да се обратите во салонот или сервисерот од каде сте го купиле телефонот. Исто така, треба да бидете претпазливи со вашиот уред, иако досега имало само 35 случаи каде се запалила батеријата.

Целиот овој отповик ќе го чини Samsung преку 1 милијарда долари во почеток, а веројатно и многу повеќе со негативниот маркетинг за Note 7, телефонот кој требаше драматично да ги загрози новите iPhone-и кои треба да бидат претставени утре.

Дали овој отповик ќе има долгорочни последици за Samsung останува да се види – корисниците можат многу лесно да загубат доверба во некој производител во вакви ситуации, односно дури и да им се зацврсти довербата доколку Samsung добро го одигра отповикот, односно да биде брз во замената на телефоните и евентуално да им овозможи на корисниците некои други поволности.

Извор: Lifehacker, GSM Arena, Forbes

Претходна статијаHello е нов систем за видео конференции кој може да се вклучи на вашиот телевизор
Следна статијаМожно затворање на OpenOffice проектот поради недостаток на ресурси