Facebook изминатите години покажа дека иако тие се најпопуларната социјална мрежа, сакаат да станат и главен извор на информации за корисниците. Со други зборови, тие активно работат на зголемување на објавите на мрежата од медиумите, односно објавувачите на новости и други видови на публикации.
Тоа може слободно да се каже дека Facebook успешно го спроведува, па оваа социјална мрежа веќе не е гледана како место каде што можете да видите какви слики вашите пријатели имаат објавено или што јаделе за појадок тоа утро, иако доколку тоа ве интересира, Facebook повторно е правото место за тоа.
Меѓутоа, кога се работи за следење на одредени новости и случувања во вистинско време, главната социјална мрежа на која што одат корисниците е Twitter. Не дека на Facebook не е можно да се следат случувањата, а посебно по воведувањето на хаш тагови, но сепак корисниците се’ уште за овој вид на информации се одлучуваат за Twitter.
Според се’ уште неофицијалните информации, Facebook работи на нова посебна апликација наречена Notify, која што треба да им овозможи на корисниците подобро следење на новостите и случувањата.
Две слики од апликацијата се објавени на интернет, меѓутоа од нив не може да се добие целосната слика за тоа како би функционирала оваа апликација. Сепак, од тоа што може да се види, корисниците ќе имаат можност да избираат извори на информации (Providers), како и што точно од изворите би сакале да следат, односно конкретна тема (Stations).
Сликите исто така покажуваат како ќе изгледаат известувањата од апликацијата на iPhone, нешто што ќе биде и главната карактеристика на апликација, а и самото име го покажува тоа.
Претпоставката е дека корисниците ќе избираат одредена тема која што сакаат да ја следат, па главната страна од апликацијата ќе биде исполнета со новости од темите и изворите. Известувањата ќе стигаат од темите кои што се избрани, па корисниците ќе можат секогаш да бидат во тек со темата која што ги интересира.
Како оваа апликација е поврзана со Facebook не е јасно, а тоа сигурно би требало да биде случајот до одреден степен. Сепак, целта на социјалната мрежа е да што поголем дел од времето го поминувате разгледувајќи ги содржините преку неа.
Извор: TNW, TechnoBuffalo