Anthropic ја претстави Claude Duet, нова апликација во која Claude работи како агент што сам доаѓа кај корисникот со она што бара негово внимание. Компанијата вели дека е наменета за професионалци и сопственици на мали бизниси кои имаат повеќе обврски отколку што можат да следат.
Claude Duet е изграден околу Claude Opus 5.5. Секое утро праќа краток преглед на најважните работи од поврзаните апликации, а во текот на денот ги проверува на секои неколку часа и јавува само кога нешто бара одговор. Според Anthropic, не ги проверува постојано затоа што тоа би ги трошело ограничувањата на претплатата многу побрзо.
Агентот работи на сопствена виртуелна машина со свој прелистувач, па задачите продолжуваат и кога телефонот или лаптопот на корисникот се исклучени. Со него се комуницира со текст или глас во еден разговор, а тој ги презема меморијата, вештините и конекторите од постојната сметка на Claude.
Слична можност за работа по затворањето на лаптопот Claude доби и со спојувањето на функциите во еден Claude во септември, но Duet засега е посебна апликација.
Дел од примерите што ги дава компанијата потсетуваат на Claude for Small Business, како неплатените фактури во QuickBooks или Stripe и договорите преку Docusign. Duet дополнително подготвува плати во Gusto и уредува продавници на Shopify. Може да купува и преку Link, дигиталниот паричник на Stripe, со виртуелна картичка, така што вистинскиот број на картичката не се споделува.
Пред да испрати порака, да плати, да потпише документ или да избрише нешто, Claude Duet покажува што точно ќе направи и чека одобрување. Тргувањето со хартии од вредност и префрлањето пари меѓу сметки не се дозволени ни со одобрување. Duet доаѓа и со посебен „classifier“ кој треба да одбива праќање на број на картичка или податоци од лична карта и пасош, а здравствените и личните финансиски податоци ги пушта само по изречна наредба од корисникот.
Самата компанија признава дека Duet сè уште може погрешно да процени што е итно, да пропушти нешто што ќе пристигне меѓу две проверки и дека е послаб кај лични обврски, како купување билети.
Дополнително, за време на „research preview“ фазата позадинските проверки и поголемите задачи се трошат од истите ограничувања како и обичните разговори со Claude.
Вакво нешто веќе нуди и Microsoft со Copilot Cowork, кој исто така се потпира на технологијата на Anthropic, но е наменет за корисниците на Microsoft 365.
Claude Duet е достапен за iOS, Android и на claude.ai, засега само како „research preview“ преку листа на чекање за претплатниците на Pro и Max во САД. Team и Enterprise не се вклучени, а не е познато кога ќе стигне надвор од САД, па и кај нас.






































