Фото: Brecht Corbeel на Unsplash

Anthropic го претстави Claude Opus 5.5, прв модел од новата фамилија Claude 5.5. Според компанијата, моделот на повеќето задачи работи на ниво на Claude Fable 5.1, а при типична употреба е 40% поевтин од Opus 5.

Цената за милион влезни „токени“ е 4 долари, а за излезни 20 долари, што е 20% помалку од Opus 5. Поголемата заштеда е кај повторното читање на веќе зачуван контекст, кое чини 20 центи за милион „токени“, односно 60% помалку. Дополнително, Opus 5.5 генерира текст над 30% побрзо од претходникот.

Корисниците на Pro, Max, Team и дел од Enterprise пакетите добиваат и повисоки ограничувања за користење во рамки од пет часа.

Изгледа дека трката меѓу Anthropic и OpenAI сè повеќе се води околу цената, а не само околу можностите. OpenAI неодамна ги претстави GPT-6 Sol и Luna, исто така со значително пониски цени.

Во тестовите што ги објавува компанијата, Opus 5.5 предничи во програмирањето со агенти, користењето компјутер и професионалната работа. Во тестот FrontierCode, при стандардните поставки го надминува најдобриот резултат на GPT-6 Astra, и тоа за околу петтина од цената по задача. Од друга страна, во AutomationBench Astra е малку пред него, со 41,4% наспроти 40%.

Самата компанија признава дека на ова ниво разликите во тестовите се сè помалку сигурен показател за вистинската разлика во употреба. Според Anthropic, во практика разликата меѓу Opus 5.5 и Fable 5.1 е помала отколку што покажуваат бројките.

Anthropic посебно го истакнува начинот на пишување, кој беше една од најчестите забелешки за Opus 5. Новиот модел ги става најважните информации на почетокот, користи помалку жаргон и подобро ги следи правилата за пишување што ќе му ги зададе корисникот.

Ова е прв модел откако извршниот директор Дарио Амодеи повика темпото на развој на најнапредните модели да се прилагоди така што безбедноста ќе оди пред можностите. Пред објавувањето, моделот го тестирале надворешни организации, меѓу кои METR, а на интерниот тест за однесување постигнал најдобар резултат досега.

Сепак, Anthropic наведува дека моделот често се сомнева дека е тестиран. Тоа ја отежнува проценката како ќе се однесува во реална употреба.

Opus 5.5 ги има истите заштити како Fable 5.1 во биологијата и слични во сајбер безбедноста. Повеќето задачи поврзани со сајбер безбедност автоматски се пренасочуваат кон постариот Opus 4.8, а проверени организации ќе можат да добијат поширок пристап.

За корисниците во Европа е интересно што моделот има мерки за означување на генерираниот текст („watermarking“), во согласност со европскиот закон за вештачка интелигенција.

Claude Opus 5.5 е достапен на сите платформи, вклучително Amazon Web Services, Google Cloud и Microsoft Azure. Sonnet 5.5 и Haiku 5.5 се очекуваат во наредните недели.