Фото: Shutterstock.com

Microsoft подготвува промена на екранот за најавување во Windows 11 што треба да го поедностави користењето на Windows Hello. Според Зек Бауден од Windows Central, во најновите тест верзии на системот постои скриена функција со која полето за PIN, препознавањето на лицето и читачот на отпечатоци работат истовремено.

Сега, според Бауден, ако корисникот поставил PIN, препознавање на лицето и отпечаток, Windows го користи само начинот што е избран на екранот за најавување. Тоа значи дека ако системот го понуди PIN-от, камерата не го бара лицето на корисникот, па тој мора рачно да се префрли на препознавање на лице.

Со новиот начин, во основните поставки на екранот секогаш е прикажано полето за PIN, а Windows истовремено го чека лицето или отпечатокот, зависно од тоа што е поставено. Поради ова исчезнуваат и копчињата за избор на начинот на најавување. Според Бауден, екранот така е почист, а најавувањето побрзо за тие што користат биометрија.

Бауден пишува дека, според неговото искуство, новиот начин го поттикнува Windows да продолжи да се обидува да го препознае лицето и кога првиот обид не успева, сè до ограничувањето на бројот на обиди. Дополнително, PIN-от може веднаш да се внесе, без претходно да се избира.

Microsoft сè уште официјално ја нема најавено оваа промена и не е познато кога ќе стигне до корисниците. Бауден очекува таа наскоро да почне официјално да се тестира, бидејќи изгледа доработено и се развива веќе неколку месеци.

Промената се вклопува во ветувањето за поквалитетен Windows што Паван Давулури, раководителот на Windows, го даде во март. Тогаш Microsoft најави посигурно препознавање на лицето и побрзо најавување со отпечаток, со помалку повторни обиди.

Во објавата за новостите во Windows 11, за која пишувавме минатата недела, компанијата наведе дека најавувањето со Windows Hello е веќе полесно, побрзо и посигурно.

Новиот екран за најавување е мала промена, но сепак е една од оние што корисниците ги забележуваат секој ден.