Фото: Anthropic

Anthropic официјално го претстави Claude for Word, нов додаток кој ја интегрира вештачката интелигенција директно во популарниот софтвер за обработка на текст на Microsoft. 

Алатката моментално е во бета верзија и е достапна за корисниците на претплатничките пакети за тимови и бизнис корисници. 

Овој потег ја одразува стратегијата на компанијата да ги доближи своите алатки до професионалците во нивните секојдневни работни процеси, елиминирајќи ја потребата од постојано префрлање помеѓу прозорецот за разговор со вештачката интелигенција и самиот документ.

Главната карактеристика на овој додаток е неговата способност за контекстуално уредување. Claude може да чита сложени документи, да предложува измени и да генерира текст, притоа целосно задржувајќи ги постоечките стилови, нумерирањето и форматирањето на документот. 

Наместо само да генерира текст кој корисникот потоа рачно го внесува, сите интервенции од вештачката интелигенција се прикажуваат преку стандардната функција за следења промени во Word. Ова им овозможува на корисниците да ја задржат целосната контрола врз крајниот резултат, прифаќајќи или отфрлајќи ги предлозите исто како при стандардна соработка со колеги.

Покрај основното уредување на текстот, алатката може да ги чита и анализира коментарите оставени во документот, да прави соодветни измени врз основа на нив и да остава свои одговори за да ги објасни направените промени. 

Овој нов додаток се надоврзува на веќе достапните додатоци од Ahtropic за Excel и PowerPoint. 

Иако алатката е дизајнирана да ја олесни работата на професионалците кои редовно се справуваат со комплексна документација, како оние во правниот и финансискиот сектор, од Anthropic истакнуваат дека таа е сè уште во фаза на тестирање. Од тие причини, компанијата препорачува задолжителна човечка проверка на крајните резултати, особено кога станува збор за чувствителни деловни податоци, финални договори или документи кои се испраќаат директно до клиенти.