
Microsoft започна тивко да го повлекува брендирањето и копчињата за Copilot од основните апликации во Windows 11. Процесот, кој првично беше забележан во тест верзиите за Windows Insider, ги опфаќа Notepad и Snipping Tool.
Овој потег доаѓа како одговор на реакциите од корисниците кои сметаа дека интегрирањето на вештачката интелигенција во оперативниот систем е премногу наметливо. Од компанијата дури најавија дека ги слушаат реакциите од корисниците, па оваа година Windows 11 треба да „фати“ доста подобар правец.
Во новата верзија на Notepad, впечатливото шарено лого на Copilot е целосно отстрането. На негово место сега се наоѓа суптилна икона означена како алатки за пишување. Важно е да се напомене дека Microsoft не ги отстранува самите функционалности базирани на вештачка интелигенција. Опциите за пишување и сумирање на текст остануваат достапни во позадина, но без досегашниот промотивен пристап кој го нарушуваше минималистичкиот идентитет на овој класичен уредувач на текст.
Оваа функција може целосно да се исклучи преку Settings, а и во тој дел е променето името од Copilot во Writing Tools.
Промените се уште поизразени кај алатката Snipping Tool. Претходно, по селектирање на дел од екранот, корисниците беа пречекувани со копче за Copilot кое не можеше рачно да се исклучи во поставките. Според најновите ажурирања, оваа интеграција е целосно отстранета дури и во стандардната верзија на апликацијата.
Ова е значаен чекор кон враќање на едноставноста на системските алатки чија примарна цел е да бидат брзи и ефикасни.
Оваа одлука не претставува крај за амбициите на Microsoft поврзани со вештачката интелигенција, туку јасна промена во стратегијата за дизајн. Компанијата неодамна потврди дека ќе ги намали непотребните делови со Copilot низ Windows 11. Наместо да ја позиционира технологијата како маркетиншка површина на секој чекор, фокусот се префрла на одвојување на вистинските можности од агресивната презентација во корисничкиот интерфејс.










































