Фото: Apple

Apple официјално ја претстави Siri AI, новата и доста подобрена верзија на својот дигитален асистент која се базира на следната генерација на Apple Intelligence. 

Надградениот систем работи на Apple Foundation Models, кои се направени во соработка со Google и Gemini, како што веќе беше познато, а сега го гледаме резултатот од оваа соработка.  

Надградбата овозможува поприродна комуникација и е длабоко интегрирана во екосистемот на компанијата, опфаќајќи ги уредите како iPhone, iPad, Mac, Apple Watch, AirPods и Apple Vision Pro, како и во сите системи и апликации од компанијата. 

Асистентот е способен да одговара на прашања користејќи информации од интернет, но и да пребарува релевантни податоци директно од личните пораки, електронската пошта и фотографиите на корисникот. Според компанијата, целта е да се олесни извршувањето на секојдневните задачи преку поголемо разбирање на содржината на екранот и контекстот на корисникот, а ова е нешто што требаше да функционира, барем дел, уште со првата верзија од пред две години. 

Еден од клучните новитети е свесноста на асистентот за тоа што се прикажува на самиот екран. Корисниците можат да побараат од Siri AI да преземе акција поврзана со содржината што во моментот ја читаат, како додавање информации во апликацијата за белешки врз основа на добиена текстуална порака. 

Видео: Apple

Исто така, сега Siri ја добива способноста целосно да креира нова содржина, па корисниците можат да побараат во било која апликација да им биде напишан текст, но најинтересниот дел, како и најкорисен е можноста да врз основа на разговорот кој во моментот се води на некоја тема, да се побара да се напише имејл порака до одреден бизнис, на пример. 

Во самата презентација на Siri AI можеше да се видат интересни примери кои вклучуваат пронаоѓање на информации кои се добиени во Messages, па потоа откривање на локација врз основа на слика, за на крајот да се побара и навигација до добиените локации. 

Фото: Apple

Дополнително, претставена е и посветена апликација за Siri која ја синхронизира историјата на разговорите преку iCloud, овозможувајќи им на корисниците да започнат разговор на еден уред, а беспрекорно да го продолжат на друг. 

На iPhone уредите, асистентот добива и мултимодални способности преку режим во рамки на камерата кој користи визуелна интелигенција за препознавање објекти и давање одговори за околината, а истото може да се добие и за работите кои се гледаат на екранот во моментот.

Фото: Apple

Во однос на техничката реализација, Siri AI користи модели кои се извршуваат локално на самите уреди, додека за посложените операции се потпира на сервери. За заштита на податоците, Apple не воведува нова архитектура, туку најавува дека и со новата верзија на асистентот ќе продолжи да ја користи својата постоечка и етаблирана архитектура за приватност. 

Преку системот Private Cloud Compute, компанијата гарантира дека при процесирањето барања, личните податоци не се зачувуваат и не се достапни, како за нив, така и за надворешни лица.

Новата верзија нуди и подобрено диктирање на текст со автоматско форматирање, а бета верзијата за крајните корисници ќе биде објавена подоцна оваа година.

За корисниците со нешто помоќни уреди, достапен е и помоќен локален јазичен модел, а јасно е дека и покрај промоцијата на Private Cloud Compute, секогаш е најдобро за приватноста кога работите се извршуваат локално. 

Во основа, Siri AI донесува целосна интеграција со системите од Apple, како и нивните апликации, можност за разговори кои сега асистентот ќе ги разбере исто како и конкурентните решенија, целосно нова анимација и повеќе. 

Објавата од Apple со сите детали околу новата верзија од Siri, односно Siri AI, можете да ја погледнете тука.