Заедно со новата генерација на Apple Intelligence, Apple објави дека ја проширува својата технологија „Private Cloud Compute” (PCC) надвор од сопствените центри за податоци.
Станува збор за систем што компанијата го воведе во 2024 година за да ги обработува побарувањата на вештачката интелигенција што се преобемни за самиот телефон, при што заштитата што важи на уредите се пренесува и во облакот.
Новината е што дел од овие задачи отсега ќе се извршуваат на „Google Cloud”, на сервери со графички процесори од NVIDIA, како и од Intel и Tensor од Google.
Тоа е прв пат Apple своите ветувања за приватност да ги пренесе во центри за податоци на трета страна, а потегот директно се поврзува со одлуката новите Apple Foundation Models да се градат врз технологијата на Gemini од Google.
Поради ова, најбараните задачи, како „агентската” употреба на алатки и сложеното размислување, се префрлаат во облакот, додека полесните и понатаму се одвиваат локално на уредот.
Apple вели дека клучните барања на PCC остануваат непроменети: пресметка без зачувување на состојбата, без привилегиран пристап и можност за надворешна проверка.
Тоа значи дека, барем на хартија, ниту Apple ниту Google не можат да дојдат до содржината на побарувањата. Google од своја страна потврди дека не добива податоци од корисниците на Apple, а целата софтверска основа ја контролира Apple, а серверите ќе веруваат само на код што компанијата криптографски го одобрила.
За да ги поткрепи тврдењата, Apple најавува дека сите „бинарни” датотеки ќе бидат објавени за јавна проверка, а истражувачите ќе добијат пристап до активни PCC јазли преку нејзината програма за наградување. Дополнително, се води криптографски заверен регистар на целиот хардвер вклучен во PCC, со две независни точки на доверба заради заштита од напади врз синџирот на комуникација.
Јасно е дека потегот е и стратешки. Откако заостана зад конкуренцијата во развојот на големи јазични модели, Apple склучи повеќегодишно партнерство со Google, па оттаму ѝ беше потребен начин да ја задржи својата приказна за приватноста дури и кога обработката излегува надвор од нејзините сервери.
PCC на „Google Cloud” ќе се воведува постепено во текот на летото, а целосниот сет заштити допрва треба да заживее. Повеќе технички детали Apple најавува за претстојниот „Confidential Computing Summit” и во ажурирана верзија на својот безбедносен водич.








































