Фото: Apple

Apple вчера ја одржа клучната презентација на својата годишна развојна конференција WWDC 2026, која како и секоја година ги собра најголемите најави за претстојните оперативни системи. Поголемиот дел од вниманието беше насочен кон вештачката интелигенција, но новите системи донесоа и низа практични промени. 

Ова беше и последниот настан од ваков формат за Тим Кук, кој во септември ја предава функцијата извршен директор на Џон Тернус.

Втората генерација на Apple Intelligence, целосно новата Siri AI и промените кај Liquid Glass веќе ги обработивме одделно. Поради ова, овде се задржуваме на самите оперативни системи.

iOS 27 главно е насочен кон стабилност и брзина. Apple ветува до 80 отсто побрзи преноси преку AirDrop, до 30 отсто побрзо отворање на апликациите и до 70 отсто побрзо појавување на фотографиите во галеријата. Дополнително, изменет е „распоредувачот на процесорот“, па постарите модели, назад дури до iPhone 11, би требало да работат позабрзано.

Пребарувањето низ Spotlight, Mail и Photos е изградено од нула за да биде постабилно и да ги индексира новите податоци речиси веднаш. Апликацијата Shortcuts сега овозможува создавање автоматизации со опишување на обичен јазик, додека Passwords може автоматски да ги замени компромитираните лозинки. Тука се и поддршката за споделени iCloud албуми во полна резолуција (достапна и на Android и Windows) и долгоочекуваниот прилагодлив „еквилајзер“ за AirPods.

iPadOS 27 ги добива истите подобрувања во перформансите и пребарувањето, заедно со побрза и попаметна Siri. Кај macOS 27, кој оваа година го носи името Golden Gate, акцентот е на изгледот, односно поунифицирани ленти со алатки, странични менија што се протегаат до рабовите на екранот и поцврст радиус на аглите кај прозорците, со освежени икони. Секако, сите новини најавени за Apple Intelligence и Siri AI, доаѓаат и на macOS.

Сепак, вреди да се напомене дека новиот macOS работи само на Apple Silicon, што значи дека уредите со Intel процесори остануваат настрана.

watchOS 27 носи верзија на Siri прилагодена за часовникот, која користи приватно процесирање за побрзи одговори, а разговорите се синхронизираат меѓу уредите преку iCloud. Тука се и нови „часовници“, подобрена ефикасност на батеријата и нови здравствени известувања, меѓу кои и за перименопауза. Обновениот систем, инаку, е поддржан само на ограничен број понови модели на Apple Watch.

Развојните бета верзии се достапни уште од вчера, јавните бета верзии следат идниот месец, а финалните верзии стигнуваат на есен.