OpenAI пушти доста голема надградба на нивната алатка Codex, досега позната како алатка за програмирање, а која сега доаѓа со можност за контрола на компјутерот на корисникот. За почеток оваа можност доаѓа само кај macOS верзијата од апликацијата, а ова воопшто не изненадува со оглед на тоа што истото го прават и конкурентите.
По претставувањето на агентите со вештачка интелигенција, „природен“ беше нивниот развој во правец на целосна контрола на компјутерот на корисникот. Вакво нешто имаат пуштено Anthropic, a неодамна и Perplexity.
Како најпопуларен уред за користење со овие нови функции од компаниите за вештачка интелигенција, се покажа Mac mini, малиот, но моќен компјутер од Apple.
Codex апликацијата на macOS со новата можност за позадинско користење на компјутерот, добива можност да ги користи сите апликации преку нивното „гледање“, кликање, пишување со тастатурата, односно се што би правел корисникот.
Апликацијата дополнително добива и вграден интернет прелистувач преку кој корисниците ќе можат да коментираат на веб страните со цел да му дадат насоки на ВИ агентот. Ова од OpenAI го промовираат како одлична можност за „frontend“ програмерите, како и за програмерите на игри.
Доколку сте корисник којшто е заинтересиран за ваквите апликации, целата објава од OpenAI, заедно со сите функции и можности, можете да ја погледнете тука.











































