Фото: Felix Mooneeram на Unsplash

Холандскиот синџир кина Pathé најави експеримент наречен Pathé REWIND, во кој со помош на хипноза ќе се обиде 30 љубители на филм повторно да го доживеат омилениот филм како да го гледаат за прв пат. Идејата е гледачите да ги „заборават“ пресвртите и познатите сцени, па повторно да ја почувствуваат истата неизвесност.

Експериментот се одржува на 9 ноември во Pathé Buitenhof во Хаг. Пријавувањето беше бесплатно и заврши на 29 октомври, а пријавените избираа меѓу четири филма: The Matrix, Se7en, La La Land и Interstellar. Според Pathé, врз основа на изборите ќе се прикаже еден филм, а 30 избрани учесници прво ќе имаат лична онлајн сесија со хипнотизерот Виктор Кремер. На денот на проекцијата повторно ќе бидат хипнотизирани непосредно пред филмот.

Кремер е хипнотерапевт со ординации во Амстердам, Хаг и Ротердам, а според Pathé и неговата страница има повеќе од 30 години искуство. Покрај хипнотерапија, тој работи и со НЛП и „Quantum Healing Hypnosis Technique“.

Самиот Pathé внимава со формулациите. Во соопштението зборува за експеримент и „обид“, а не тврди дека хипнозата може да избрише сеќавање на филм. Тоа и не е мала работа, бидејќи резултатот во голема мера ќе зависи од тоа што учесниците ќе кажат после проекцијата. Поради ова REWIND повеќе изгледа како добро смислена маркетиншка кампања отколку како проверлив научен тест.

„Кој не би сакал уште еднаш да го види омилениот филм за прв пат?“, вели Имке ван Схајк, менаџерка за бренд, односи со јавноста и комуникации во Pathé. Таа додава дека REWIND е чекор понатаму од посебните проекции и Pathé Classics, програмата со која синџирот повторно ги прикажува познатите филмови, како Titanic, Catch Me If You Can и Bohemian Rhapsody.

Вакво нешто не е изненадување, бидејќи кината сè почесто бараат начини да ги вратат гледачите од домот, од премиум формати до повторно отворени стари сали. Pathé во декември минатата година почна да тестира и пауза од 15 минути кај долгите филмови, прво во неколку кина во Хаг и Зволе, а потоа и во уште осум. Паузи синџирот не правеше од почетокот на 2000-тите.

Не е познато дали и како Pathé ќе ги објави резултатите од експериментот.