Адам Зинеби, извршен директор и коосновач на стартапот Cyclon, вчера на X ја објави идејата на компанијата: телефон со вештачка интелигенција што ќе го замени вашиот iPhone. Cyclon е дел од есенската генерација стартапи на Y Combinator за 2026 година, а другиот коосновач, технолошкиот директор Томас Кифер, според Y Combinator претходно работел на Android во Google.
Според Cyclon, асистентот работи во апликациите што веќе ги користите, со вашите сметки, па може да испрати порака на WhatsApp, да нарача храна или да одговори на повик и тоа во позадина. Кога некоја апликација недостасува, ја гради во посебна средина во „облак“ и ја додава на телефонот. Компанијата сепак признава дека асистентот понекогаш може да згреши.
Телефонот на страницата за нарачки е концепт во развој. Cyclon очекува да го испорача во второто тромесечје од 2027 година, но тоа е само проценка, а испораката зависи од одобрението од американската регулаторна агенција FCC. Нарачката бара депозит од 199 долари што се враќа и се засметува во цената, а конечната цена се проценува на 699 долари.
Дотогаш, првите купувачи во САД влегуваат во затворена бета и во рок од 30 дена бесплатно добиваат обновен Google Pixel 8a со системот Cyclon OS, како прототип. Тоа значи дека засега компанијата навистина нуди софтвер, а не сопствен уред.
Cyclon OS работи со повеќето Android апликации, но според компанијата некои апликации за банкарство, плаќање и работа што бараат телефон сертифициран од Google можеби нема да работат. Дополнително, асистентот користи модели во „облакот“, па содржината на екранот, пораките и локацијата се праќаат до компаниите чии модели ги користи, а Cyclon не ги наведува. Според Cyclon, некои од нив ги чуваат податоците ограничено време заради безбедносен надзор, а изјавата за приватност за самиот систем сè уште не е објавена.
Вакво нешто веќе е ветувано. Rabbit R1 и Humane AI Pin ветуваа дека вештачката интелигенција ќе ги извршува задачите наместо корисникот, а Humane на крајот дел од компанијата го продаде на HP. Cyclon барем прави телефон, а не дополнителен уред, како и OpenAI, која наводно развива сопствен паметен телефон. Сепак, асистент што се движи низ апликации со различен изглед тешко се прави да работи сигурно, па ветувањето ќе може да се оцени дури кога прототиповите ќе стигнат кај корисниците.
Нарачка може да се направи од целиот свет, но прототиповите се испраќаат само во САД, а Cyclon сè уште немаат објавено каде ќе се продава нивниот телефон.






































