Canva, која ја купи Affinity во 2024, ја објави Affinity за iPad, таблет верзијата на унифицираната Affinity апликација која пред една година ги замени посебните Affinity Photo, Affinity Designer и Affinity Publisher.
Како и на компјутерите, апликацијата е бесплатна за поединци. Според Canva, компјутерската верзија има повеќе од седум милиони регистрации откако е претставена, а iPad верзијата била најбараната работа од корисниците.
Покрај работните простори Pixel, Vector и Layout, на iPad има и четврти, Sketch Studio, наменет за скицирање со Apple Pencil, кој според CG Channel засега го нема во компјутерската верзија. Според Canva, апликацијата ги поддржува сите можности на Apple Pencil Pro, од притисок и навалување до ротација, стискање и лебдење над екранот, а функцијата Sketch to Shapes ги претвора рачно нацртаните форми во векторски облици.
Сите делови од проектот се чуваат во една .af датотека, која може да се отвори и на компјутер. Компанијата вели дека iPad верзијата не е „скратен придружник“, но на страницата на Affinity признава дека дел од функциите засега ги нема, меѓу кои панелите Books, Batch и Data Merge, снимањето макроа и Astrophotography Studio. Canva вели дека постепено ќе додава уште функции.
Апликацијата отвора и PSD, AI, INDD, IDML, PDF и SVG датотеки, но кај документите од InDesign понапредното форматирање, како табелите, можеби ќе треба рачно да се поправат.
Бесплатни се сите алатки во четирите простори, вклучително и „експорт“, но за најава е потребна бесплатна Canva сметка. Платени се само алатките со вештачка интелигенција во Canva AI Studio, за кои е потребен некој од платените пакети на Canva, односно Pro, Business, Enterprise или Education. Според Canva, меѓу овие функции се проширување на сликата, зголемување на резолуцијата и Decompose Layer, која рамна слика ја дели на слоеви што може да се уредуваат.
Тоа значи дека Canva и понатаму заработува од претплатите за вештачка интелигенција, а не од продажбата на самата апликација, модел кој го воведе со компјутерската верзија минатата година.
Апликацијата бара iPadOS 18 или понов. Според листата на Affinity, работи на iPad од 7. генерација наваму, iPad mini од 5. генерација, iPad Air од 3. генерација и на сите iPad Pro од 2018 година наваму. Алатките базирани на машинско учење сепак бараат iPad со M чип, а брзината, според компанијата, зависи од уредот и од сложеноста на документот.
Affinity за iPad е достапна во App Store и кај нас, а Canva не соопшти дали планира верзија за iPhone или Android.






































