Фото: Zhiyue / Unsplash

Правната битка помеѓу Apple и познатиот „јутјубер“ Џон Просер продолжува да се усложнува, откако од компанијата најавија дека ќе бараат судска наредба за да го принудат на соработка. 

Според најновиот заеднички извештај поднесен пред федералниот суд, Просер и понатаму не ги исполнува своите обврски во процесот на откривање докази. Apple тврди дека не ги добиле потребните документи за целосно да го разберат обемот на протечените доверливи информации за нивниот софтвер и покрај тоа што роковите биле неколкукратно продолжувани.

Судскиот процес започна минатото лето кога Apple поднесе тужба против Просер и неговиот соработник Мајкл Рамачиоти за кражба на деловни тајни. Apple ги обвинува дека добиле неовластен пристап до тест уред на поранешен софтверски инженер на компанијата. 

Според тужбата, Рамачиоти го прегледал уредот и преку видео повик му ги покажал на Просер необјавените софтверски детали. Овие информации подоцна беа искористени за објавување видеа во кои предвреме се открија детали за новиот дизајн на iOS 26, односно Liquid Glass, месеци пред неговото официјално претставување пред јавноста.

Документите покажуваат дека Apple му доставиле на Просер судски покани за документи и сведочења уште во почетокот на февруари. Иако тој предал дел од бараните материјали, се наведува дека целосно игнорирал други клучни барања од компанијата. 

Поради овие константни одложувања, Apple сега планира да поднесе барање до судот за законски да го принуди да ги достави документите кои недостасуваат. Во меѓувреме, Просер најавил дека планира да ангажира адвокат за да се обиде да ја поништи пресудата поради изостанок, која беше донесена против него во октомври минатата година откако го пропушти првичниот рок за одговор на тужбата.

За разлика од Просер, вториот обвинет во случајот активно соработува во правната истрага. Рамачиоти дозволил форензичка анализа на дополнителен уред и понудил повторно да сведочи откако Apple ќе собере докази од трети страни. 

Двете страни веќе подолг период водат неформални разговори за потенцијална спогодба. Apple преку оваа тужба бара парична отштета и трајна судска забрана за двајцата обвинети, со цел да се спречи понатамошно откривање на какви било доверливи информации во сопственост на компанијата.

Просер интересно продолжува да објавува видеа, иако поретко, па најновите се поврзани со сѐ уште неофицијалниот прв iPhone на преклоп, кој се очекува да биде претставен оваа есен заедно со iPhone 18 Pro серијата.