Google официјално ја претстави новата функција наречена Skills во својот интернет прелистувач Chrome, дизајнирана да им помогне на корисниците полесно да ги извршуваат секојдневните задачи базирани на вештачка интелигенција.
Досега, повторувањето на одредена задача, како на пример барање алтернативни состојки во рецепт или сумирање на долги текстови, бараше рачно внесување на истото барања до Gemini на секоја нова веб страница.
Со новата опција, корисниците можат да ги зачуваат своите најчесто користени барања, односно команди и да ги активираат со само еден клик.
Функцијата е интегрирана директно во страничниот панел на Gemini во Chrome. Кога корисникот ќе зачува одредена команда, таа станува достапна за брзо користење преку внесување на коса црта или со кликнување на соодветното копче.
Ова значи дека вештачката интелигенција може веднаш да го примени зачуваното барање на активната веб страница или на повеќе избрани „табови“.
Корисниците имаат целосна контрола врз своите команди, со можност за нивно уредување или креирање нови во секое време, а компанијата понуди и библиотека со веќе подготвени шаблони за вообичаени задачи.
Од аспект на безбедноста, Skills се потпира на постоечките механизми за приватност во прелистувачот. Системот е дизајниран да бара експлицитна потврда пред извршување на посложени акции, како што се испраќање електронска пошта или додавање настани во календарот.
За жал, оваа функција е дел од Gemini интеграцијата во Chrome прелистувачот, која сѐ уште не е пуштена во сите земји од светот. Тоа значи дека во Македонија уште не можеме да пристапиме до истата, но мислам дека е прашање на месеци додека биде пуштена за сите.











































