Паралелно со најавата дека Тим Кук ја напушта директорската позиција и дека Џон Тернус ќе биде новиот извршен директор, Apple објави уште една значајна кадровска промена. Џони Сруџи, досегашен постар потпретседател за хардверски технологии, е унапреден во главен хардверски директор на компанијата.
Новата улога значи дека под надлежност на Сруџи доаѓа и целиот сектор за хардверско инженерство кој досега го водеше Тернус. Ова е логична реорганизација, бидејќи со преминувањето на Тернус на позицијата извршен директор, неговиот досегашен сектор мораше да добие ново раководство.
Apple избра да ги обедини двата сектора под една капа, што значи дека целата хардверска вертикала на компанијата сега е концентрирана кај Сруџи.
Интересно е што ова доаѓа само неколку месеци по гласините дека Сруџи размислувал да си замине од Apple. Марк Гурман во декември минатата година објави дека постариот потпретседател за хардверски технологии размислувал да си замине, а кратко потоа самиот Сруџи во интерна порака до вработените ги негираше тие гласини. Сега, неколку месеци подоцна, јасно е дека Apple направиле сериозни напори да го задржат, а унапредувањето во главен хардверски директор е можеби финалниот чин од тие преговори.
Сруџи не е непознато име за оние кои го следат развојот на Apple. Тој се приклучи на компанијата во 2008 година со една конкретна задача, да го води развојот на А4, првиот чип што Apple го дизајнираше самостојно. Пред тоа градеше кариера во Intel и IBM на позиции поврзани со развој на процесори, а образованието го стекна на Technion, израелскиот технолошки институт. Токму тој стои зад целата успешна приказна со Apple чиповите, вклучувајќи ги и M чиповите кои направија доста голема промена на пазарот и успехот на Mac компјутерите.
Во соопштението, Кук го опиша Сруџи како „еден од најталентираните луѓе” со кои имал можност да соработува и посочи дека неговото влијание се чувствува не само внатре во Apple, туку и низ целата индустрија. Тернус, пак, го нарече „извонреден партнер” и додаде дека се радува на понатамошната соработка „во нашите нови улоги”.
Под негова надлежност сега се речиси сите клучни области на Apple, чипови, батерии, камери, контролери за складирање, сензори, екрани и модеми за мобилни мрежи. Тимот за хардверско инженерство кој го презема е одговорен за сè, од дизајн на производи, преку системско инженерство, до тестирање на издржливоста на уредите. Со други зборови, речиси целата хардверска суштина на Apple сега е во рацете на овој еден човек.







































