Средношколци и студенти ќе имаат можност да учествуваат на AI Student Hackathon powered by OpenAI, кој ќе се одржи во рамки на AI Tech Summit „Filip Avramchev“ Skopje 2026.
Хакатонот е наменет за тимови од млади учесници кои ќе работат на конкретен предизвик и ќе развиваат сопствено AI решение со користење на OpenAI алатки и ресурси. Настанот има за цел да поттикне практично учење, тимска работа и развој на нови идеи во областа на вештачката интелигенција.
Наместо вештачката интелигенција да остане тема за која само се зборува, младите учесници ќе имаат задача да ја употребат за решавање конкретен предизвик и својата идеја да ја претворат во работен прототип.
Предизвикот започнува на 18 септември
Тимовите ќе го добијат предизвикот на 18 септември, по што ќе имаат пет дена за реализирање на своето решение со пристап до OpenAI алатки и ресурси.
Хакатонот е отворен за средношколци и студенти, со максимум 10 тима од по најмногу 4 членови. Од учесниците не се очекува да дојдат со готово решение. Идејата е процесот да поттикне учење, експериментирање, тимска работа и создавање со AI.
Проектите ќе бидат оценети на 22 септември, а трите најдобри тима ќе добијат можност својата работа да ја претстават еден ден подоцна на Main Stage-от.
Токму тоа ја прави завршницата на хакатонот посебна: младите кои започнале со предизвик и идеја ќе стигнат на истата главна сцена на која во текот на Самитот ќе се одржуваат keynote предавања, панели и разговори со меѓународни AI експерти.
Финалистите ќе имаат 10 до 15 минути за да ги претстават своите решенија пред публика, жири, компании и претставници на IT и бизнис заедницата.
За учесниците, хакатонот е можност да стекнат практично искуство со AI, да создадат нешто сопствено и да се поврзат со пошироката технолошка заедница. Најдобрите тимови ќе добијат и награди, можности за понатамошна соработка и дополнителна видливост во регионалниот AI екосистем.
Пријавувањето за AI Student Hackathon е достапно на: https://tally.so/r/WOVbgR.
AI Tech Summit „Filip Avramchev“ Skopje 2026 ќе се одржи на 22 и 23 септември во Националната опера и балет во Скопје.
Повеќе информации се достапни на www.techsummit.ai.







































