Денеска официјално започнува познатата и традиционална за овој период од годината WWDC конференција од Apple. Како и секогаш, првиот ден е тој кој нас најмногу не интересира, а на првиот ден од Worldwide Developers Conference од компанијата ги презентираат новите верзии од нивните оперативни системи.
На ред за претставување се iOS 27, iPadOS 27, macOS 27, watchOS 27, tvOS 27, како и visionOS 27.
Со овие верзии не се очекуваат нешто посебно многу новини, па според досегашните информации Apple има дадено големо значење кон подобрување на кодот, а со тоа и на перформансите и работата на овие системи.
Корисниците можат да очекуваат и мало прилагодување на Liquid Glass дизајнот, а посебно на macOS, дизајн кој доби поделени реакции, а наводно од септември ќе биде достапен избор за нивото на „стаклените“ ефекти, како и нивно прилагодување за десктоп компјутерите.
Главното внимание на денешната презентација секако ќе биде насочено кон новата верзија од Siri, односно „втората“ верзија од Apple Intelligence, која како што е познато ќе функционира на основа на Gemini јазичните модели.
Како што веќе можевме да прочитаме, Apple изгледа планира целосен редизајн на Siri, која сега ќе биде достапна и во форма на посебна апликација, целосно нови анимации, начин на функционирање и можност за прашања. Кратко кажано, Siri ќе ги добие способностите и функциите на конкурентите, а и веќе најавените функции од пред две години, како „свесност“ за што е тоа што се прикажува на екранот и можност за работа со апликациите.
Во најновата неделна објава од Марк Гурман, тој дури пишува за таен состанок на главните директори од Apple на почетокот од 2025 година во која се разговарало за правецот на компанијата во врска со вештачката интелигенција.
Се истакнува и фактот што дел од директорите ги немаат прифатено советите од некои пред неколку години за важноста на ВИ, како и за слабата работа на овој план од страна на Џон Џианандреа.
Се очекува дека работата на Siri е дадена на Мајк Роквел, човекот зад развојот на Vision Pro, уред кој иако не се продава добро, се смета за одлично парче технологија.
Гурман заклучува дека денес ќе го видиме резултатот на тајниот состанок, односно што е тоа што било променето и какви се резултатите од тоа.
Главната денешна презентација ќе започне во 19:00 часот по македонско време и како и секогаш ќе може да се следи преку YouTube каналот на Apple.







































