Фото: Apple

Apple изгледа планира да направи мали измени кај дизајнот на macOS, кој не се покажа баш доволно популарен кај корисниците со претставувањето на Liquid Glass со macOS 26. 

Не се ретки коментарите од корисниците кои се имаат одлучено да не го инсталираат macOS 26, нешто што се случува само поради Liquid Glass дизјанот и одбивањето да се користи. 

Според најновата неделна објава од Марк Гурман од Bloomberg, компанијата подготвува промени во macOS 27 кои интерно се нарекуваат како „мало редизајнирање“. Овие промени се фокусираат на решавање на проблемите со сенките, транспарентноста и видливоста кои се карактеристични за Liquid Glass во macOS 26.

Интересно е што изворите посочуваат дека проблемот не лежи во почетната визија на дизајнерскиот тим на Apple, туку во нецелосната и недоволно полирана имплементација од страна на тимот за софтверско инженерство пред официјалното пуштање на системот. 

Транспарентноста и ефектите на стакло не се прикажуваат доволно јасно и прецизно на LCD екраните кои сè уште ги користат повеќето Mac компјутери, за разлика од OLED панелите каде овие ефекти изгледаат одлично. 

Ова доведе до проблеми со читливоста на текстот во Control Center и страничните менија во Finder. 

Примарната цел на macOS 27 е да го прикаже Liquid Glass дизајнот онака како што оригинално беше замислен од дизајнерите.

Покрај визуелните корекции, macOS 27 ќе донесе и нови функционалности базирани на вештачка интелигенција. Safari ќе добие нова опција за автоматско групирање на табовите преку копчето „Organize Tabs“, карактеристика која ќе биде достапна и во iOS 27 и iPadOS 27. 

Истовремено, се очекува и значајна надградба на Siri, која ќе добие нов интерфејс во стил на „четбот“ и можност за корисниците да избираат различни ВИ модели за специфични задачи.

Apple официјално ќе ги претстави macOS 27, iOS 27, watchOS 27 и останатите нови верзии на своите оперативни системи на претстојната WWDC 2026 конференција, која е закажана за 8 јуни.