Фото: Brandon Romanchuk на Unsplash

Microsoft ги контактирале LG по излегувањето на информацијата дека од компанијата инсталираат рекламен софтвер без знаење на корисниците, преку нивните монитори. 

Оваа вест воопшто не изненадува дека доби доста внимание, а LG софтверот го инсталираат преку вградениот систем на Windows, односно преку Microsoft Store. Проблемот секако е што корисниците не даваат дозвола за ова, а инсталацијата се одвива автоматски во позадина без никаков знак дека тоа се случува. 

Од Windows Latest пренесуваат дека главниот за развој на Windows, Паван Давулури, веќе стапил во контакт со LG, по што од компанијата потврдиле дека ќе ги тргнат рекламите од нивниот софтвер. 

„Уште еднаш ви благодариме што ни го посочивте ова. Се поврзавме со тимот на LG и како непосреден следен чекор, тие се согласија да го оневозможат „попап“ прозорецот на McAfee од нивната апликација. Го цениме тоа што LG соработува со нас кон заедничка цел за подобро искуство за нашите заеднички клиенти. Ќе продолжиме да се подобруваме тука со нашите партнери во екосистемот.“ – изјавил Давулури. 

Иако на ова може да се гледа како на победа, сепак останува проблемот со фактот дека од LG воопшто се решиле за ваква практика. 

Додатно, проблем останува и можноста во Windows производителите на хардвер вака да инсталираат било каков софтвер на Windows 11, иако постои опција за исклучување на можноста, која реално, во главно понапредните корисниците би ја искористиле.