Фото: Brandon Romanchuk на Unsplash

Поврзувањето на нов монитор со компјутер обично не подразбира инсталација на дополнителен софтвер, но неодамнешните тестирања спроведени од страна на хардверскиот медиум Gamers Nexus покажуваат дека мониторите на компанијата LG го прават токму тоа. 

Процесот се одвива тивко и без никакво известување за корисникот. Откако ќе се поврзе монитор од серијата UltraGear со компјутер кој работи на оперативниот систем Windows, сервисот за ажурирање автоматски презема и инсталира софтвер насловен како LG Monitor App Installer. Инсталацијата се завршува за околу една минута по приклучувањето на кабелот, при што на корисникот не му се прикажува никаков прозорец за согласност или политика за приватност.

Првиот знак дека нешто е инсталирано во позадина најчесто е појавувањето на „попап“ кој нуди триесетдневен бесплатен пробен период за безбедносниот софтвер McAfee, како и повремени промоции за други препорачани програми од LG. 

Според податоците од Notebookcheck, кои го идентификуваа тестираниот модел како LG UltraGear 34GX900A-B, пакетот вклучува и компонента насловена како McAfee Scam Detector. Проблемот се продлабочува поради нивото на привилегии кои ги добива оваа апликација. Според организацијата Privacy Guides, официјалната страница на апликацијата во дигиталната продавница на Microsoft покажува дека таа има дозвола за пристап до сите системски ресурси, заедно со пристап до интернет.

Ова однесување не е ограничено само на еден специфичен модел. Тестирањата покажуваат дека истата практика е присутна кај поновите модели од сериите UltraGear и UltraFine, но и кај монитори кои се стари до три години и веќе се во секојдневна употреба. Ова сугерира дека механизмот за тивка инсталација е активен подолго време и ретроактивно влијае на хардверот што корисниците го купиле во минатото.

Иако теоретски ваквиот софтвер со отворен пристап кон интернет би можел да пренесува податоци надвор од компјутерот, за време на тестирањата не била забележана таква активност, туку евидентирана е само неавторизирана испорака на реклами.