Microsoft, преку својот Windows профил на X, кратко најави дека во текот на утрешниот ден, односно четврток, „нешто големо доаѓа“. Најавата вклучува уште кратка најава за тоа дека е време да ги одмориме прстите, односно нашите раце ќе добијат одмор.
Никогаш не може точно да се знае што да се очекува од ваквите кратки најави на компаниите, но секако можеме да претпоставуваме.
Со оглед на неколкуте најави дека иднината на Windows ќе биде вештачката интелигенција и начинот на интеракција со компјутерите, можеме да очекуваме дека утре Microsoft ќе претстави нешто во тој правец.
Не очекувам дека уште сега ќе видиме целосна промена на Windows и интеракцијата со системот, но сигурно ќе ги видиме почетоците на оваа промена која од компанијата ја сметаат како иднината на системот.
Делот во кој се најавува одморот за нашите раце оди во правец на претходните најави дека глувчето и тастатурата веќе нема да бидат главни, па вештачката интелигенција ќе биде таа која ќе ги извршува работите во наше име.
Не е толку чудно да се замисли ваквата иднина која често е дел од научно фантастичните филмови, но не сум сигурен дека сега баш е времето за целосно насочување кон дигиталните асистенти со вештачка интелигенција.



















