Познати се критиките кои Windows 11 ги добива изминатите години, а тие посебно дојдоа до израз по зголемувањето на интеграцијата на вештачката интелигенција во системот, но и различните апликации од компанијата.
Microsoft покажаа дека повеќе се заинтересирани за што поголема интеграција на ВИ, наместо работа или барем паралелна работа на нови корисни функции, подобрување на стабилноста и перформансите и слични практични надградби.
Поради ваквиот однос на Microsoft кон Windows оваа година конечно можеби ќе видиме доста големо подобрување на пазарниот удел на Linux, а тоа сега е можно и поради достапноста на повеќето игри кои досега мораше да се играат преку Windows компјутер.
На Linux страната дури се појавија нови дистрибуции, како Bazzite, кои се специјално развиени за да ги привлечат „гејмерите“, а тука големо благодарам треба да се каже и на Valve и нивната работа на Steam OS.
Досега изгледаше дека од Microsoft не планираат да направат било каква промена во нивната политика, односно однос кон Windows 11, а тоа посебно можеше да се види од новогодишната објава од страна на Сатја Надела, како и дискусијата во рамките на Светскиот Економски Форум.
Сепак, изгледа критиките се доволно големи, па главниот за развојот на Windows и уредите во Microsoft, Паван Давулури, во изјава за The Verge, истакнува дека тие ги слушаат коментарите од корисниците и оваа година ќе се посветат повеќе на подобрување на перформансите и стабилноста на Windows.
„Повратните информации што ги добиваме од нашата заедница на страствени клиенти и Windows Insiders се јасни. Треба да го подобриме Windows на начини што се значајни за луѓето“, вели Паван Давулури, претседател на Windows и уреди, во изјава за Notepad. „Оваа година ќе нè видите фокусирани на решавање на проблемите што постојано ги слушаме од клиентите: подобрување на перформансите на системот, сигурноста и целокупното искуство со Windows.“
Мислам дека ова не е првпат од компанијата да настапат вака, односно да ветат подобрувања кај Windows, па ќе мора да почекаме да видиме колку се сериозни и дали навистина ќе видиме нешто во позитивна насока.










































