Поминати се скоро четири години од претставувањето на Windows 11, но сепак повеќето корисниците сѐ уште го користат Windows 10. Ова не е ништо чудно во Windows светот, а повеќето корисници најчесто одбиваат да ја користат најновата верзија од системот.
Проблемот за корисниците е што во октомври оваа година завршува официјалната поддршка за Windows 10, па иако тоа може да не е сериозен проблем за напредните корисници, сепак по оваа дата не се препорачува користењето на овој систем.
Покрај тоа што Windows 10 веќе одреден период не добива нови функции, по истекот на поддршката тој веќе нема да добива ни безбедносни надградби и исправки на грешки.
Како се ближи датата бројот на корисници на Windows 11 е во пораст, но не ни приближно доволно за да повеќето се префрлат на најновата верзија. Затоа очекувано е дека Microsoft ќе ги засили напорите да ги мотивира корисниците да го инсталираат Windows 11 или да купат нови компјутери, доколку имаат постари кои се некомпатибилни со системот.
Ова е доста важно за компанијата и поради можноста голем процент од корисниците да ги задржат своите компјутери и да инсталираат Linux, нешто што секако ќе се случи, само прашање е во колкав процент.
Во објава од почетокот на овој месец, Microsoft истакнува седум карактеристики на Windows 11 кои ќе им овозможат на корисниците да извадат најмногу од системот, како што стои во насловот.
Во основа се работи за промоција на Windows 11 за корисниците на Windows 10 кои сѐ уште можат да направат бесплатна надградба.
Microsoft ги истакнува новото Старт мени, Snap layouts, можноста за креирање повеќе виртуелни десктопи, достапноста на „виџети“, Focus сесиите, најава со Windows Hello, како и темната тема.
Мислам дека за повеќето корисници кои останаа на Windows 10 ништо од ова не е важно, но можеби ќе направи некаква разлика подобрувањето на Старт менито кое се очекува до крајот на годината.