Процесот на прилагодување на нов Windows компјутер или на нова инсталација, сеедно, е прилично критикуван и вклучува процес кој според доста е непотребно долг и сложен.
Барем делумно овој процес ќе биде забрзан со најновата промена која ја направи Microsoft, најверојатно како дел од најавата дека оваа година ќе посветат поголемо внимание на исправка на деловите од Windows 11 кои се критикувани од страна на корисниците.
При процесот на прилагодување на нов компјутер или инсталација, делот во кој се проверува за нови верзии од системот и истите се инсталираат, сега ќе може да биде одложен, односно прескокнат.
Корисниците ќе можат да ги инсталираат надградбите по вклучувањето на компјутерот, односно по завршување на основните работи кои им се потребни за почнување со користење на нивниот уред.
Зависно од тоа со која верзија доаѓа новиот компјутер, оваа промена може да тргне и до цел час од процесот на инсталација, па корисниците многу побрзо да дојдат до делот каде што може да го користат својот компјутер, односно десктопот.
Секако, за тие кои не им пречи да почекаат, сепак се препорачува да ги инсталираат потребните надградби затоа што, иако имаат критики, најновите верзии од системите се обично и најбезбедни, во најмала рака.











































