Во време кога граѓанската вклученост во процесите на донесување одлуки на локално ниво останува ниска, дигиталната платформа мЗаедница отвора нов простор за поактивно учество на граѓаните преку јавни анкети, консултации и директна комуникација со општините.
Новата функционалност им овозможува на општините едноставно да креираат анкети и да спроведуваат јавни консултации за прашања од интерес на граѓаните, додека жителите преку мобилен телефон или компјутер можат брзо и лесно да гласаат, да дадат свое мислење и да предложат решенија за локалните политики и иницијативи.
мЗаедница е достапна во повеќе општини низ државата, меѓу кои Карпош, Аеродром, Крива Паланка, Македонска Каменица, Кочани, Штип, Валандово, Гостивар, Струга, Неготино и Демир Хисар. Со новите функционалности за дигитални анкети и јавни консултации, платформата им овозможува на општините на едноставен начин да го слушнат мислењето на граѓаните, да ги вклучат во креирањето локални политики и да ја зајакнат двонасочната комуникација со заедницата.
Во рамки на проектот ДИГИЛОК, посебен фокус беше ставен на проширувањето на мЗаедница во Струга, Демир Хисар и Неготино, како и на поддршката на општините за користење на новите можности за јавни консултации. Преку платформата, граѓаните можат полесно да учествуваат во анкети и консултации, да дадат свое мислење или предлог и директно да придонесат кон креирањето подобри локални решенија.
Дополнително, општините кои се дел од мЗаедница се рангирани меѓу најотворените и најтранспарентните општини во државата, според „Индексот на отвореност на локалната самоуправа“, што покажува дека дигиталните алатки можат директно да придонесат за поотворено и поодговорно локално управување.
Според повеќе домашни и меѓународни анализи за локалното владеење, учеството на граѓаните во јавните консултации и процесите на донесување одлуки во општините е сè уште на ниско ниво, а дел од консултативните процеси остануваат недоволно видливи и достапни за јавноста. Токму затоа, дигиталните решенија како мЗаедница имаат клучна улога во приближување на институциите до граѓаните и поттикнување поактивна граѓанско учество.
„мЗаедница е создадена со цел да им помогне на општините да воспостават поотворена, транспарентна и двонасочна комуникација со граѓаните. Преку дигиталните консултации, сакаме учеството да биде поедноставно и подостапно, а граѓаните да имаат реална можност да го споделат своето мислење за одлуките што влијаат врз нивното секојдневие“, велат од Центарот за социјални иновации Блинк 42-21, креатор и развивач на платформата.
Новата функционалност е развиена во рамки на проектот „ДИГИЛОК – Дигитална трансформација на локално ниво: вклучена заедница за отпорност на корупција“, кој Центарот за социјални иновации Блинк 42-21 го реализира во соработка со Фондацијата Метаморфозис и Рурална коалиција, со поддршка од програмата Цивика мобилитас и Владата на Швајцарија.
Проектот има за цел да ги зајакне транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните во носењето одлуки на локално ниво, преку користење иновативни дигитални алатки и унапредување на отвореноста на локалните власти.
мЗаедница е достапна бесплатно преку мобилна апликација и веб платформа, овозможувајќи им на граѓаните во секое време да бидат информирани, консултирани и активно вклучени во развојот на својата општина.
Мобилната апликација е достапна за Android преку Google Play Store: (https://goo.gl/Y9qhpE), за iOS преку App Store: (https://apple.co/2SbERqJ) и на десктоп преку следниот линк – www.mzaednica.mk
Повеќе информации за платформата и тековните активности се достапни на:
https://www.facebook.com/blink4221/
https://www.facebook.com/mZaednica/







































