Американскиот сателитски сервис Starlink, во сопственост на Елон Маск, веќе го најави партнерството со Дојче Телеком преку кое ќе се модернизира мобилната мрежа на територијата на Европа. Имено, се работи за партнерство кое ќе овозможи поврзување преку сателитска мобилна мрежа во 10 земји на континентот, вклучувајќи ја и Македонија.
Партнерството помеѓу Дојче Телеком и Starlink беше објавено уште на почетокот на оваа година, во март. А сега, вакво партнерство со Starlink објави и 4iG.
Со иницирањето на ова партнерство ќе се создадат услови за овозможување на мобилна комуникација во областите каде што изградбата на мрежна инфраструктура е потешка, како што се планинските предели и заштитените подрачја, а лансирањето на оваа услуга се очекува да започне во 2028 година.
На тој начин, Starlink и Дојче Телеком ќе ја прошират покриеноста на мрежниот сигнал без да гради нови базни станици. Преку истражување на можностите на денешницата и прифаќањето на иновативните технологии, ваквото партнерство ќе донесе нова ера на поврзаност и ќе ги надгради мрежните капацитети на дури десет земји од Европа.
Ова ќе биде првата европска мобилна мрежа базирана на сателитите од втората генерација на Starlink, познати како V2. Ваквите сателити овозможуваат директна широкопојасна комуникација со мобилни телефони, вклучително и пренос на податоци, гласовни повици и размена на пораки со голема брзина и стабилност.
Втората генерација сателити на Starlink има значително подобрени перформанси и може да обработи до 100 пати поголема густина на податоци по сателит, 16 пати повеќе антени и до 20 пати поголем капацитет за пренос во споредба со претходната генерација.
По заедничкото лансирање, услугата ќе биде достапна во десет земји од Европа: Германија, Полска, Австрија, Унгарија, Чешка, Словачка, Хрватска, Црна Гора, Грција и Македонија.








































