Фото: Shutterstock.com

Корисниците на уреди со оперативниот систем Android наскоро би можеле да добијат поголема контрола врз процесот на преземање на апликациите. Анализата на кодот од најновата верзија 53.0 на Google Play Store открива дека компанијата развива функција која овозможува паузирање и продолжување на процесот на преземање. 

Во моментов, корисниците кои сакаат да прекинат преземање на апликација ја имаат само опцијата за целосно откажување на процесот, по што мораат да почнат од почеток.

Со воведувањето на новиот додаток, корисничкиот интерфејс на продавницата ќе добие копче за паузирање. При притискање на ова копче, преземањето се стопира, а корисникот добива опција за негово продолжување во соодветен момент. 

Според достапните информации, вградениот менаџер за преземања во Play Store исто така ќе прикажува листа на сите паузирани апликации. Ова ќе им овозможи на корисниците директно да го продолжат преземањето од самиот менаџер, без потреба повторно да ја пребаруваат конкретната апликација низ продавницата.

Оваа промена може значително да го олесни менаџирањето со инсталациите, особено во ситуации кога корисниците сакаат да дадат приоритет на една апликација пред друга. 

Дополнително, функцијата нуди можност за подобра контрола врз трошењето на мобилните податоци. Корисниците ќе можат да го стопираат преземањето на големи пакети додека се во движење и да го продолжат процесот подоцна, откако ќе се поврзат на стабилна безжична мрежа.

Сепак, со брзината на интернет пристап во денешно време, како и месечните ограничувања, мислам дека една ваква функција не би им користела на голем број на корисници.