Фото: EFF

Непрофитната организација за дигитални права Electronic Frontier Foundation (EFF) го објави Privacy Badger за Safari на macOS. Станува збор за бесплатен додаток што ги блокира скриените „тракери“ на веб страниците, а според EFF го користат повеќе од 4 милиони луѓе.

Додатокот бара Safari 26.5 или понова верзија и се инсталира преку App Store. Таму е бесплатен и достапен во македонската продавница, а страницата во App Store бара macOS 15 или понов. Тоа значи дека покрај корисниците на macOS 27, можат да го користат и сите со ажуриран Safari на постарите две верзии на системот.

EFF вели дека поддршката стана возможна благодарение на подобрувањата во начинот на кој Safari ги поддржува додатоците и дека со ова Privacy Badger е достапен на сите поголеми прелистувачи за компјутер.

Safari инаку има своја заштита од следење, па EFF објаснува каква е разликата. Во основните поставки Safari ограничува до кои податоци „тракерите“ можат да стигнат, но сепак им дозволува да се вчитаат. Privacy Badger воопшто не ги вчитува, со што, според EFF, се спречуваат и техниките што ја заобиколуваат заштитата на Safari.

Додатокот не работи со фиксна листа, туку сам учи кои елементи следат. Ги блокира и вградените објави од социјалните мрежи, коментарите и видео „плеерите“, кои можат да собираат податоци и без клик, а на нивно место става копче за рачно вчитување.

Дополнително, автоматски го праќа сигналот Global Privacy Control (GPC), со кој страниците се известуваат да не ги продаваат и да не ги споделуваат податоците на корисникот. Според EFF, сигналот е правно обврзувачки во сè повеќе американски држави, меѓу кои Калифорнија, Колорадо, Њу Џерси и Конектикат.

EFF вели дека ова е прва верзија и дека додатокот ќе го подобрува според коментарите на корисниците. Ако некоја страница не работи, Privacy Badger може да се исклучи само за неа.

За Safari на iOS засега нема конкретен рок. EFF само вели дека ќе ја разгледа и таа поддршка откако ќе ги реши проблемите на macOS.