Apple денеска официјално ги објави најновите верзии од нивните оперативни системи, односно iOS 27, iPadOS 27, macOS 27, watchOS 27 и tvOS 27 кои воведуваат напредни можности преку новата генерација на „Apple Intelligence“ и подобрената верзија на дигиталниот асистент сега наречена „Siri AI“.
Новите функции се дизајнирани да ги направат секојдневните апликации попаметни и покорисни, нудејќи им на корисниците персонализирано искуство, истакнуваат од Apple.
Покрај вештачката интелигенција, ажурирањата вклучуваат нови алатки за родителска контрола и значителни подобрувања во перформансите на уредите.
За корисниците кои досега ги користеа бета верзиите новините се веќе со месеци познати, а за останатите тие не се толку големи како минатата година, но сепак ќе се забележи разлика.
„Siri AI“, која е можеби главната новина, претставува нова верзија на асистентот која има способност да го разбере личниот контекст на корисникот преку пораките, електронската пошта и фотографиите, нешто што требаше да го има како способност уште пред две години.
Оваа верзија поседува широко познавање и свесност за содржината што е прикажана на екранот. Во моментов, „Siri AI“ е достапна во бета верзија на англиски јазик, додека поддршката за француски, јапонски, корејски, португалски и шпански јазик ќе биде воведена во текот на октомври.
Асистентот сега е интегриран во апликацијата за камерата на iPhone преку посебен режим, што им овозможува на корисниците да добиваат информации и да преземаат акции за објектите пред нив. Со новата визуелна интелигенција, корисниците на iPhone, iPad и Mac можат да поставуваат прашања за она што го гледаат на екранот.
Новитетите вклучуваат алатка за пишување која им овозможува на корисниците да опишат што им е потребно за системот да генерира нацрт-текст или да го подобри веќе напишаното.
Додадена е и апликација за „Siri“ која приватно ја синхронизира историјата на разговорите преку iCloud на сите уреди на корисникот.
Во апликацијата за фотографии се воведени нови алатки за менување на аголот на сликата, проширување и надградена опција за чистење на фотографиите.
Новата верзија од апликацијата „Image Playground“ им дава можност на корисниците да креираат висококвалитетни слики во различни стилови, а со претстојната поддршка за стандардот „SynthID“, ќе може да се идентификуваат сликите што се генерирани или променети со помош на вештачка интелигенција.
Интернет прелистувачот „Safari“ добива алатки кои автоматски ги организираат отворените табови во теми, а може да се постават и известувања за промени на веб страниците, како што се обновување на залихи или намалување на цени. Тука е и можноста за креирање на сопствени додатоци само преку внесување на опис.
Една од поголемите новини кога е во прашање корисничкиот интерфејс е додавање на „лизгач“ со кој може да се прилагоди нивото на Liquid Glass ефектите, па мислам дека веќе нема простор за критики за дали „стаклените“ ефекти се преголеми и премали.
При телефонски повици кон бизниси, системот автоматски ги прикажува релевантните информации, како кодови за потврда или броеви на резервации.
За родителите се воведени нови безбедносни функции и редизајнирано искуство за следење на времето поминато пред екранот. Новиот процес на поставување детски сметки го олеснува активирањето на заштитните мерки базирани на возраста, а функцијата за барање дозвола за прелистување овозможува родителите да одобруваат пред децата да пристапат до нова веб страница.
Комуникациската безбедност детектира и блокира вознемирувачка или насилна содржина во споделените слики или видеа.
Новите верзии носат и доста видливи подобрувања во перформансите низ сите платформи. На iPhone и iPad, апликациите се стартуваат до 30% побрзо, фотографиите се вчитуваат до 70% побрзо по нивното фотографирање, додека преносот на датотеки преку „AirDrop“ е забрзан до 80%.
Корисниците на iPad ќе добијат до пет пати побрзо прелистување и префрлање датотеки на надворешен USB уред, како и подобрено искуство при затворање и преместување на прозорци.
Истовремено, секојдневните задачи на компјутерите Mac се оптимизирани да бидат значително побрзи.






































