Фото: Huawei

По неодамнешните најави и откриените фотографии, Huawei денес официјално го претстави новиот Pura X Max, продолжување на линијата „широки” преклопни телефони која компанијата ја започна со оригиналниот Pura X минатата година. 

Веќе пишувавме дека форматот на новиот модел е сличен со оној што се очекува да го понуди и Apple со првиот iPhone на преклоп. Иако Apple очигледно нема да бидат први на пазарот со овој формат, конкурентите сепак почнаа да го користат дури по неофицијалните информации за iPhone на преклоп, а Huawei дефинитивно може да се каже дека почнаа најрано од сите. 

Новиот модел доаѓа со 5,4-инчен надворешен и 7,7-инчен внатрешен екран, што е значително зголемување во однос на 3,5 и 6,3 инчи колку што имаше оригиналниот Pura X. Сепак, додека претходникот имаше поиздолжен екран со сооднос 16:10 погоден за мултимедија, внатрешниот екран на Pura X Max е поквадратен, со резолуција од 2.584 x 1.828 пиксели и сооднос од 14,1:10, што е поблиску до класичниот 4:3 познат од таблетите. 

Двата екрана се LTPO 2.0 панели со фреквенција од 1 до 120Hz и PWM затемнување од 1.440Hz.

Покрај поголемите димензии, новиот модел е и забележително потенок, па тој е 5,2mm отворен и 11,2mm склопен, наспроти 7,2mm и 15,1mm кај претходникот. Тежината е 229 грама. 

Huawei додаде и поддршка за пенкалце, наречено M-Pen 3 Mini, кое е соодветно намалено за да одговара на димензиите на телефонот. Пенкалцето се продава заедно со специјално дизајнирано куќиште, а достапна е и верзија со магнетен потпирач. Тоа значи дека Pura X Max се обидува да покрие и сегмент на продуктивност, нешто што досега беше резервирано за моделите како Z Fold серијата.

Huawei Pura X Max работи на новиот Kirin 9030 Pro процесор, кој според Huawei нуди 30 отсто подобрени перформанси во однос на Kirin 9020 од претходниот модел. За ладење се грижат комората за испарување и графенски слој. Како што е веќе познато, телефонот не користи Android поради познатите ограничувања, туку доаѓа со HarmonyOS 6.1.

Батеријата е зголемена на 5.300mAh (претходниот модел имаше 4.720mAh) и поддржува 66W жично и 50W безжично SuperCharge полнење. Рамката е изработена од алуминиумска легура, а отпорноста на прашина и вода е значително подобрена, од IPX8 кај оригиналот до IP58/IP59 кај новиот модел, што значи отпорност и на прашина и на водени млазови под висока температура. Надворешниот екран е заштитен со Kunlun стакло од втора генерација.

Камерата е уште една значајна точка на подобрување. Главниот 50MP сензор доаѓа со OIS стабилизација и варијабилна бленда од f/1.4 до f/4.0, придружен со 50MP перископски телефото со OIS и 12,5MP ултра-широкоаголна камера. Сите три сензори користат RYYB филтер со жолт наместо зелен суб-пиксел, додека обработката на сликата е доверена на XMAGE системот на Huawei. 

Достапни се и две 8MP селфи камери, по една на секој екран, првенствено за видео повици, а за подобри селфи слики корисниците можат да ја користат главната камера.