„Отвори прозорец кон нови светови“ е слоганот на 38. издание на Саемот на книгата, кој и оваа година ќе се одржи во Aрената Борис Трајковски во Скопје, во периодот од 23 до 29 април. Слоганот ја истакнува моќта на книгите да нѐ однесат во авантури кои не сме можеле ниту да ги замислиме, потврдувајќи дека Саемот на книга е место на инспирација, за нови идеи и место каде што секој може да го засити апетитот за нови знаења, возбудливи светови и добри книги. 

Во текот на седумте саемски денови посетителите ќе можат да си одберат книги од богатата понуда на домашни и странски автори,  да бидат дел од промоциите на нови дела и подобро да се запознаат со издавачите и насловите претставени во рамки на Саемот.

Над 65 издавачи и повеќе од 150 активности беа најавени на годинашниот Саем за книга, на денешниот брифинг на кој Даниела Глигоровска, извршен директор, Сања Кондарко, оперативен директор на Саемот на книга и Бојан Саздов, претседател на Македонска асоцијација на издавачии (МАИ), информираа за тоа што е планирано.

Отворањето на вратите на Саемот на книга 2026 е закажано за 23 април од 10:00 часот, додека официјалното отворање на Саемот ќе се одржи во 13.00 часот. Саемот официјално ќе го прогласи за отворен  г-ѓа Гордана Сиљановска-Давкова, претседател на Република Македонија. На отворањето најавено е присуство и на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Се очекува и годинава, како и претходни години, ЈСП – Скопје да има специјална линија за љубителите на пишаниот збор да може да го посетат Саемот на книгата. Програмата годинава е навистина импресивна, додаде Глигоровска. Кондарко рече дека програмските активности се за сите генерации. Ќе има и можност за разговори со македонски, како и странски автори. Најавена е и викенд програма за деца. Саздов нагласи дека МАИ годинава слави 10 години од основањето. Тој се осврна на Фелоушип-програмата за 2026 година. Предвидена е и панел-дискусија за македонската книжевност, перспективи и можности. 

Посетителите на Саемот ќе добијат можност да се запознаат со македонски и странски автори, да ја разгледаат богатата понуда на книги, енциклопедии, збирки и прирачници, како и да слушнат нешто повеќе за актуелната состојба на пишаниот збор преку панел-дискусиите со значајни имиња од оваа област. 

Издавачката куќа „Арс Ламина“ го најави ексклузивното гостување на популарната американска писателка на психолошки трилери, Сара Пеканен, во Скопје на 25 април. Преку издавачката куќа „Сакам книги” доаѓа и италијанската писателка Виола Ардоне – авторка на популарната книга „Возот за деца“ која веќе доби и своја Netflix адаптација. На штандот на издавачки центар ТРИ ќе гостува Хајс Вилбринк, автор од Холандија. На штандот на Антолог најавено е гостување на авторката Ирса Сигурдардотир од Исланд, препознатлива авторка на трилери. Чешкиот писател Јиржи Хајичек е специјален гостин на „Славика либрис“. На саемот ќе бидат присутни над 30 издавачи од соседна Србија, а за истакнување е и најголемиот издавач Лагуна.

Како и секоја година, организирани се и голем број активности за најмладите љубители на книгите. Викендот на 25ти и 26ти април е предвидена богата програма со маскоти, едукативни и креативни работилници, аниматори, парада на книжевноста и забава и многу други активности кои ќе им ги отворат видиците на најмладите. 

На Саемот на книга ќе има претставување со свој штанд Министерството за култура на Република Србија како национално претставување, со учество на повеќе издавачки куќи со свои изданија  од Република Србија и бројни промоции на дела и автори.   

Во седумте саемски денови најавени се рекорден број промоции, односно повеќе од 130 промоции и средби со автори во Промотивниот центар и на штандовите на изложувачите, а се очекува бројот на посетители да се искачи над 30.000, од кои околу 12.000 ученици. 

Саемот на книга е еден од најважните културни настани кои се одржуваат во Скопје и на едно место ја обединува читателската публика од сите градови од земјата, па и од странство. Впечатлив тренд во последните години е тоа што се забележува враќање на младата генерација на Саемот, која станува се’ позаинтересирана за книжевниот свет и редовно го зголемува бројот на посетеност. Така се очекува да биде и оваа година, во периодот од 23 до 29 април кога Арената „Борис Трајковски“ ќе биде отворена за љубители на пишаниот збор од сите возрасти. Саемот на книга традиционално е поддржан од страна на Министерството за култура и туризам, како проект од национален интерес.

Вратите на Саемот ќе бидат отворени секој ден помеѓу 10:00 и 20:00 часот, а цените на влезниците се исти како и минатата година: редовна влезница – 100 денари, влезница за организирани посети на ученици – 50 денари/по ученик, влезница за три посети на саемот – 250 денари. Влезот е бесплатен за деца до 12 години кои се во присуство на родител.

За повеќе информации за Саемот на книга, посетете ги следните линкови:

• www.skopskisaem.mk

• https://www.instagram.com/skopski.saem/

• https://www.facebook.com/skopje.fair