Компанијата Huawei се подготвува за претставување на својот нов уред на преклоп, наречен Pura X Max. Според достапните слики, овој модел се одликува со поширок формат на екранот кој наликува на дизајнот што се очекува да го примени и Apple за својот прв телефон од овој тип.
Ваквиот формат кој се очекува да го користи Apple е релативно невообичаен на тековниот пазар на уреди на преклоп, каде најчесто доминираат потесни екрани, па изгледа дека конкурентите се решаваат да ја следат компанијата, уште пред официјално да влезе на пазарот.
Уредот се базира на дизајнерскиот јазик од претходниот модел Pura X, кој беше промовиран минатата година како поширок телефон на преклопување. За новиот Pura X Max, кој треба да биде пуштен во продажба на кинескиот пазар, засега е познато дека ќе располага со систем од три камери на задната страна и дека неговиот формат ќе овозможи практично користење и во хоризонтална и во вертикална положба.
Покрај Huawei, конкурент на првиот iPhone на преклоп се најавува дека планира и Samsung, со „Wide Fold“ модел, а интересно е што пишуваме дека Samsung ќе претстави конкурент, наместо обратно. Samsung веќе осум години е на пазарот на вакви уреди, но се гледа влијанието кое го има Apple.
Влезот на Apple на овој пазар се очекува дека ќе донесе големо негово придвижување, па ќе видиме дали навистина ќе биде така.
Инаку, се очекува iPhone Fold (Ultra) да поседува надворешен екран од 5,5 инчи и внатрешен екран од 7,8 инчи по отворањето. Уредот треба да биде доста тенок, а и да донесе батерија со поголема густина, што значи со добар капацитет.









































