Грчката влада подготвува план со кој се предвидува ограничување на анонимноста на социјалните мрежи, мерка која според официјалните претставници треба да помогне во сузбивањето на говорот на омраза, координираното вознемирување и ширењето на лажни вести.
Министерот за дигитално управување, Димитрис Папастергиу, во изјава за Euractiv истакна дека главниот проблем зад онлајн токсичноста е можноста корисниците да напаѓаат некого или да шират дезинформации без да се соочат со правни или социјални последици.
Иницијативата во моментов се разгледува на највисоко владино ниво, предводено од канцеларијата на премиерот Киријакос Мицотакис, а доаѓа во период кога во земјата веќе неофицијално започнува кампањата за националните избори во 2027 година.
Предлогот не подразбира целосно укинување на псевдонимите, туку воведување систем во кој секој кориснички профил ќе мора да биде поврзан со реален и верификуван идентитет.
Властите разгледуваат технолошки решенија кои ќе ги обврзат ИТ компаниите и платформите да го потврдат идентитетот на корисниците при креирањето или одржувањето на сметките. Иако претставниците на владата се свесни дека големите социјални мрежи претпочитаат да задржат милиони анонимни профили заради одржување на нивниот бизнис модел и бројот на активни корисници, тие инсистираат дека заштитата на јавниот простор мора да има предност.
Оваа мерка очекувано предизвика реакции од организациите за заштита на дигиталните права и приватноста, кои предупредуваат на сериозни безбедносни ризици.
Експертите посочуваат дека принудувањето на корисниците да ги споделуваат своите лични документи или биометриски податоци со трети страни може да доведе до кражба на идентитетот и неовластен надзор.
Дополнително, се нагласува дека правото на анонимност е клучно за заштита на ранливите групи, активистите и сите оние кои се соочуваат со ризик од одмазда поради нивното јавно изразување.
Иницијативата се надоврзува на неодамнешните најави дека Грција подготвува и забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 15 годишна возраст, што укажува на поширок и поригорозен пристап кон регулацијата на интернетот во земјата.
Грција секако не е единствената, ниту ретка земја која воведува вакво нешто, а во Европа практиката на воведување на некаква идентификација на корисниците станува се почеста.









































